Антикорупциската комисија покажа дека е неефикасна и дека не го штити јавниот интерес, затоа е неопходно да се зајакнат капацитетите на ова тело, подобро да се дефинираат правилата за избор на неговите членови, како и да се засили стручната служба, сугерираат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Како што беше кажано на денешната презентација во Скопје на анализите што се правени во изминатиот период, би требало изборот на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) да се врши во Собранието, но со активно учество на граѓанскиот сектор. Притоа, би требало да се воведе задолжително јавно интервју на кое граѓанските организации ќе имаат право да им поставуваат прашања на кандидатите и можност да влијаат на одлуката за избор.

Според организациите, при распитот, јавноста ќе може подобро да се запознае со капацитетот на кандидатите, директно и индиректно преку мислењето на граѓанските организации и медиумската расправа која ќе го следи процесот. Ова потенцијално го стеснува просторот на пратениците, кои во услови на раширена јавна дебата околу кандидатите потешко би следеле партиски диктат без притоа да платат цена на следните избори.

Организациите од Платформата препорачуваат да се применува условот кандидатите да не биле донатори или членови на политичка партија барем пет години пред кандидатурата. Исто така, се сугерира поексплицитно да се наведат основите за разрешување, по кои може да се поведе постапка за промена на членовите.

Следната препорака е да се намали бројот на членовите на ДКСК, односно наместо сегашните седум таа да има три до пет члена, но да се зголеми нивниот мандат на пет години, од сегашните четири години. Платформата бара и поголема финансиска независност на комисијата, за таа самата да решава кои и колку луѓе ќе вработува, а во исто време да се бара поголема одговорност во поглед на испорачување на резултатите.