Градските власти почнаа да ја чистат депонијата кај железничкиот мост меѓу Трубарево и Лисиче

Извор на фотографија: Град Скопје

Градот Скопје денеска започна со чистење на депонијата кај железничкиот мост на реката Вардар на потегот помеѓу Трубарево и Лисиче. На оваа депонија во општина Гази Баба секојдневно се исфрла комунален отпад и градежен шут кој придонесува кон загадување на почвата, подземните води и воздухот, информираат градските власти.

„Градот во соработка со јавните претпријатија интензивно ќе работи на целосно чистење на оваа дива депонија, која зафаќа површина од над 13.000 метри квадратни“, информира Градот Скопје.

Тие велат дека ќе продолжат со интензивно чистење на дивите депонии кои се мапирани на територијата на Скопје, а екипите на јавните претпријатија ќе работат во две смени, со цел побрзо и поефективно чистење и санирање на истите.

Дополнително, Градот воведе засилен инспекциски надзор и неселективно ќе бидат изрекувани големи казни за сите кои не го почитуваат законот, а со тоа и ја загадуваат животната средина и го загрозуваат животот и здравјето на граѓаните.

Инаку, депонијата кај железничкиот мост меѓу Трубарево и Лисиче Мета.мк во неколку наврати ја третираше во изминатиов период, како едно од најголемите диви ѓубришта создадени на територијата на главниот град.

На Градот Скопје не му е прв пат да ја чисти оваа локација, вклучувајќи го и локалитетот Вардариште. Во 2020 година паралелно со чистењето се работеше и на рушење на диво пробиените рампи кон Вардариште, за да се спречи пристапот со камиони и комбиња до локацијата. Сепак, само неколку месеци подоцна, Мета.мк во април лани на локацијата кај железничкиот мост повторно забележа огромни количества на отпад, како и возила кои без проблем пристапуваат на локацијата од правецот на Лисиче за да го исфрлат ѓубрето на оваа локација.

Експертите и еколозите веќе подолг период наназад посочуваат дека градските власти ќе мора да постават бариери за да се спречи пристапот до локацијата, заедно со камери за видео надзор што ќе ги снимаат критичните точки, како би се спречило натамошно фрлање отпад од несовесните граѓани.