fbpx

Градските власти денеска ја поднесоа најавената кривична пријава против „Титан Усје“

-

Градот Скопје денеска ја поднесе најавената кривична пријава против цементарницата „Титан Усје“ во која одговорност освен од правното, се бара и од одговорното лице – Борис Хрисафов, соопштија градските власти. Тој, како што велат оттаму, како надлежен за спроведување на обврските кои произлегуваат од А интегрираната дозвола која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање, не се придржувал кон истите обврски за максимално дозволените граници на испуштање на штетни гасови во амбиенталниот воздух.

„Цементарницата „Титан Усје“ испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас, при мерењата извршени на 3 и 4 јануари. Односно, наместо дозволениот максимум од 50 микрограми/м3, од оџакот се испуштале 121 микрограми/м3 секој час“, наведено е во соопштението од Град Скопје.

Исто така, се наведува во него, забележано е зголемување на испустот на азотни оксиди за најмалку два пати, односно наместо дозволените 350 мг/м3, се испуштале 711 мг/м3 секој час.

„Производниот процес на цементарницата „Титан Усје“ е непрекинат и се одвива секој час од секој ден во текот на годината. Поради овие дејствија, против цементарница „Титан Усје“ и одговорното лице Борис Хрисафов, на иницијатива на градоначалничката на градот Скопје Данела Арсовска, денес се поднесе кривична пријава согласно членот 234 од Кривичниот законик „Тешки дела против животната средина и природа“ во врска со член 218 од истиот закон насловен како „Загадување на животната средина и природа“. За овие дела е предвидена затворска казна“, се наведува во соопштението.

Оттаму апелираат до Основното јавно обвинителство во Скопје, темелно да ги истражи наводите бидејќи како што велат, граѓаните недозволиво е да бидат жртви на профитите на неколкумина кои со децении трујат, и кои не смеат да бидат амнестирани од одговорноста за загадувањето на животната средина од кое илјадници граѓани страдаат од бројни заболувања.

Вчера, од Државниот инспекторат за животна средина на својот Фејсбук профил информираа дека направиле контролен инспекциски надзор во цементарницата, при што констатирале дека правниот субјект постапува по издаденото решение во инспекциска постапка. Притоа, велат оттаму, во двата котли за парно греење со моќност од 4,2 MW во котларата за загревање на фабриката веќе се користи природен гас како гориво, согласно добиената А-интегрирана еколошка дозвола и изведе соодветен приклучок за вршење мерење на емисии со акредитирана метода и дека од вчера започнале со вршење мерење на емисија на гасови од емитерот-оџакот на парниот котел со акредитирана лабораторија за животна средина.

„Една од двете печки на 14 јануари, престана со редовна работа и истата ќе биде во ремонт околу 45 денови. Во периодот од 3 и 4 јануари, извршено е мерење на ПМ10 во кругот на горенаведениот субјект со акредитирана лабораторија за животна средина. Мерењата кои се следат се мерења на квалитет на амбиентен воздух, а согласно член 198 став (1) точка 25 во врска со член 107 од Законот за животната средина, Делокруг на надлежност на Државен инспектор за животна средина е да утврди дали емисиите на супстанциите определени во дозволата се испуштаат согласно со определените гранични вредности“, наведуваат во Инспекторатот.

Оттаму информираат дека цементарница УСЈЕ А-дозволата за усогласување со оперативен план ја поседува од 2011 година, измена на А-ДУОП беше направена во 2013 година, а А-Интегрираната еколошка дозвола ја поседува од 2020 година.

„Инспекторатот вршеше континуирани инспекциски надзори, а согласно годишниот план и месечните планови за работа на државните инспектори за животна средина и водостопанство, индустријата која подлежи на А-ИЕД редовно се инспектира. Инспекторите законски не вршат никакви мерења“, наведено е во соопштението од Инспекторатот за животна средина.

Откако Арсовска ја најави кривичната пријава пред шест дена, реагираа од „Титан Усје“, од каде што тврдеа дека нема поврзаност меѓу работата на цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мерките што важеа во ковид пандемијата злоупотребени за антикампања на Филипче

Во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот и за глобалната пандемија, која имаше влијание врз целиот свет во поглед на економијата и бизнисот, а и неосновано се обвинува...