Тројца вработени во „Градски Паркинг“ заедно со вработените во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје од понеделник ќе прават ред и ќе го организираат паркирањето во кругот околу болниците. Истовремено, јавното претпријатие се обврза да постави и дополнителни патокази за известувања со цел подобра организација на паркинг просторот, а во иднина во соработка со Градот Скопје ќе се работи и на зголемување на бројот на местата за паркирање.

Како паркинг локација каде секогаш има гужви и поголем број на возила отколку паркинг места, Клиничкиот центар денеска го посети директорот на „Градски паркинг“, Бојан Христовски. Тој апелираше паркинг просторот да се користи само ако е неопходно при користење на услугите во болниците од Клиничкиот центар, а за плаќање да се користат паркоматите, за да се избегне гужвата пред пунктовите за наплата. На паркингот има два пункта за наплата и два паркомати со упатство за користење на три јазици.

Овој паркинг има 832 паркинг места и дополнително пет за лица со попреченост и четири места за мајки со дете. За вработените се издадени околу 2.200 паркинг дозволи.