Градски парк ќе добие две нови отворени летни сцени

Од изложбата посветена на новите отворени летни сцени / фото: Град Скопје

Град Скопје ги започна постапките за изведба на две летни отворени сцени во зелениот појас на Градски парк, едната спроти Сточарскиот институт во вториот дел од паркот, а другата во непосредна близина на езерцето.

Минатата година Град Скопје објави конкурс за избор на три партерни идејни решенија за „Летна отворена сцена“ на три локации во зелениот појас на Градски Парк. Најдобрите трудови се наградени со по 70.000 денари за секоја од трите локации, а сцените ќе се изведуваат токму според наградените решенија.

Од Град Скопје соопштија дека летната сцена која ќе се гради спроти Сточарскиот институт ќе биде отворена сцена, составена од неколку делови. Гледалиштето ќе се оформува со преместување на трибините кои, во периоди кога нема да има организирани настани, ќе бидат поставени околу стеблата на поголемите дрвја кои се наоѓаат на локацијата и ќе имаат улога на урбана опрема, односно ќе бидат наменети како клупи за посетителите на паркот.

Втората сцена ќе биде во вид на пресечен конус, а кај неа аудиториумот ќе биде вкопан со цел да се задоволат стандардите за непречено следење на сценската изведба.

„Ваквите отворени сцени се потребни за Скопје и скопјани, особено во изминатиов период со појавата на глобалната пандемија на корона вирусот. Со изградбата на летните сцени Скопје ќе добие нови локации каде ќе се организираат бројни настани, а ќе овозможат на скопјани да уживаат во квалитетни културни и музички изведби“, велат од Град Скопје.