fbpx

Градот Скопје нуди 2,3 милиони евра за улицата „Јахја Пашa“ во Чаир

Порталб.мк разговараше со советникот на ДУИ во Град Скопје, Бесник Ајети, кој рече дека независно што веќе беше ставена, пак ќе ја стават на дневен ред и ќе имаат поддршка од сите

-

Решавањето на проблемот со хаосот во булеварот „Цветан Димов“, познат како улица „Јахја Пашa“, предвидено е да се реши со одлука за меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и Општина Чаир. Оваа одлука на седницата на 25 април не е донесена во Советот на град Скопје, но се очекува повторно да се стави на дневен ред на некоја од следните седници, пишува Порталб.мк.

Градот Скопје ги обвинува политичките партии за недонесувањето на одлуката за меѓуопштинска соработка со Општина Чаир, преку која би се средила оваа блокирана артерија која е главната артерија што го поврзува Чаир со центарот на Скопје.

„Советниците на Град Скопје не ја донесоа одлуката за отпочнување со реализација на проектот за изградба на улицата „Цветан Димов“ со која ќе се решеше повеќе деценискиот проблем на многу жители кои транзитираат и живеат во тој дел. За жал и покрај тоа што двете најголеми политички опции со децении ја ветувале реализацијата на овој проект, реалноста е деке тие не работат во интерес на граѓаните, туку за свои и тесно партиски интереси,“ велат од Градот Скопје.

Порталб.мк разговараше со советникот на ДУИ во Град Скопје, Бесник Ајети, кој рече дека независно што веќе беше ставена, пак ќе ја стават на дневен ред и ќе имаат поддршка од сите.

„Се очекува да ја ставиме по втор пат. Сè уште нема поддршка, но ќе видиме. Албанската опозиција не беше присутна тој ден, но мислам дека ќе не поддржат. Оваа улица е дамнешна проблематика што треба да се реши. Верувам дека сите ќе ни се придружат, но тој ден многумина не беа присутни на седницата и можеби тоа беше и причината зошто не помина. Идната седница е на 30 мај и ќе се потрудиме да ја ставиме на дневен ред“, рече Ајети.

Што предвидува договорот?

Во периодот од 2023 до 2025 година Градот Скопје ќе инвестира 140 милиони денари или околу 2,3 милиони евра за изградба на улицата „Цветан Димов“. Вака пишува во предлог-одлуката за меѓуопштинска соработка меѓу Градот Скопје и Општина Чаир.

„Градот Скопје ќе учествува во оваа соработка со 140.000.000 денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје и тоа 10.000.000 денари за 2023 година, 70.000.000 денари за 2024 година и 60.000.000 денари за 2025 година, од ЈДА програмата 482130, но и со решавање на имотно-правните спорови. Општина Чаир во реализација на оваа соработка ќе учествува со изработка на ревидираниот урбанистички проект. Средствата ќе се користат само за улицата „Цветан Димов“, од раскрсницата со булеварот Никола Карев до раскрсницата со улицата „Џон Кенеди“ и улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ и во согласност со одредбите со кој се уредуваат градежните работи од овој вид, за што Градот Скопје ќе изврши јавна набавка“, се вели во предлог-одлуката за меѓуопштински договор.

Во продолжение се вели дека за реализација на оваа одлука, градоначалникот на Град Скопје ќе склучи договор со градоначалникот на Општина Чаир во форма и содржина опишана во Законот за општинска соработка. Одлуката ќе стапи во сила на денот на објавување во „Службениот Гласник на Град Скопје“.

Целосниот договор можете да го видите во продолжение:

  1. Predlog-Odluka meguopstinska O. Chair-Cvetan Dimov.doc од Порталб.мк

Ветувањето на Висар Ганиу за булеварот „Цветан Димов“

„Проширувањето на булеварот „Цветан Димов“ е еден од најважните проекти што дефинитивно ќе го растерети сообраќајот и ќе ги забрза комуникациските линии. Освен ова, опремувањето со велосипедски патеки ќе го подобри и намали загадувањето. Оваа улица со должина од 1.000 метри ќе се прошири на двете страни со ширина од 34 метри, каде што ќе има 6 ленти и зелен појас меѓу лентите, тротоари на двете страни и велосипедски патеки исто така на двете страни. Оваа инвестиција достигнува сума од 7.000.000 евра“, ова е ветувањето на градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, во неговата предизборна програма насловена „Одбери живот, гласај зелено“.

Од Општина Чаир за Порталб.мк претходно изјавија дека го изработуваат проектот за документацијата за проценка на имотите.

„Ние како општина сме во постојана координација со Град Скопје, како носители на оваа капитална инвестиција што е од посебна важност за жителите на Чаир и претставува решение на долгогодишниот сообраќаен хаос. Во завршување е финалната фаза на проектирање на документацијата и отпочнување со проценка на имотот што ќе биде опфатен во овој проект. Како јавно, така и во нашата службена комуникација со Град Скопје, изразуваме целосна готовност и ги ставаме на располагање сите наши капацитети за реализација на овој проект“, велат од Општина Чаир.

Меѓутоа, досегашните активности, не го решија проблемот. Во времето на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, за време на полицискиот час, се постави ѕид, со цел да не се дозволи возилата да свртат на сред улица и граѓаните да не преминуваат на места каде што нема пешачки премини. Меѓутоа, хаосот продолжува, и тоа на целиот потег од мостот на Бит Пазар до кај мостот на улицата „Јахја Паша“, кој иако се изгради за пешаците да не го попречуваат сообраќајот, сепак истиот е речиси неискористен.

Од 5 ноември 2021 година, кога беше избран градоначалник, помината е година и пол, меѓутоа врз основа на актуелната ситуација на терен, Порталб.мк констатира дека ова ветување, сè уште не е исполнето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Настани во повеќе онлајн игри со различни награди

Оваа пролет има многу настани на различни игри попознати под името „Event“-и, на кои има различни награди и забрзано левелирање на повеќе игри - настани кои се во тек...