Откако пред повеќе од еден месец беше извршена дислокација на лицата сместении во дивата населба под Кале, каде имаше чести инциденти на палење кабли и друг вид на отпад, Град Скопје започна со расчистување на просторот со градежна механизација. Денес на тоа место работеа неколку кипери и еден багер, кој го утоваруваше сметот.

„Веќе втор ден ја расчистуваме локацијава со градежна механизација и досега имаме подигнато над 500 кубни метри смет,а за десетина дена целосно ќе се расчисти просторот. Во иднина тука нема да смее да се депонира отпад“, ги информираше новинарите на самото место градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Сакам да споделам со вас дека ова место е всушност приватна сопственост и дека всушност овој дел од левата страна на Вардар почнувајќи од хотелот Александар Палас, па се до мостот Гоце Делчев е продаден на физички и правни лица. Откако ќе биде исчистен целиот овој потег Градот ќе ги задолжи сопствениците тие да се грижат за тоа да не се случи повторно трупање на отпадот. Ќе бидеме ригорозни во изрекување на казни во смисол на одржување на хигиена на сопствениот имот, за тоа се веќе писмено се известени сите сопственици на плацевите“, додаде Шилегов, изразувајќи надеж дека во иднина нема да се повторуват сликите од минатото, барем не на оваа локација, за која кажа дека е во сопственост на фирмата „Амадеус Груп“, истата која што е сопственик и на локацијата на Плоштадот.

Тој потсети и дека казната за неодржување на комуналниот ред и хигиената на приватен имот достигнува и до 15 илјади евра за сопственикот на просторот.

Пред повеќе од еден месец во рамките на акцијата за чистење со администрацијата, од оваа локација на која со децении растеше дива населба и претставуваше извор на аерозагадување беа иселени околу 200 лица.

„За овој месец успеавме да опстоиме на тоа тука да не се населат повторно лицата кои сега се згрижени во капацитетите на министерството за труд и социјална политика, рече Шилегов, информирајќи дека во меѓувреме имало обиди за повторно населување на локацијата, но инспекциските служби успеале да ги спречат во намерата.

Интересно е да се каже дека дел од лицата кои се иселени од ова место всушност немале потреба да им се најде ново живеалиште бидејќи тие имале свои, на друга локација, но одбирале тука да престојуват бидејќи обезбедувале егзистенција собирајќи отпад и палејќи го, рече Шилегов.

Скопскиот градоначалник призна дека Скопје има уште неколку вакви жешки еколошки точки каква што е депонијата во Визбегово, за која најави дека во соработка со Министерството за животна средина треба да почне да се решава годинава, како и Вардариште, кое, според зборовите на Шилегов, е специфичен и комплексен случај бидејќи се работи за депонија користена од градот преку четири децении. За санација на Вардариште скопскиот градоначалник тврди дека ќе бидат потребни 40 милиони евра и меѓународна помош и експертиза, бидејќи тоа било ѓубриште кое немало ниту подлога па исцедоците од Вардариште завршувале во водните сливови.