Град Скопје почна со процесот на ослободување на околу 1.000 дрвjа кои се наоѓаат на приближно 500 локации во градот кои поради непрописно изведените градежни активности се наоѓаат заробени во бетон, асфалт или железни решетки кои го попречуваат нивниот раст, развој и им го загрозуваат животот, објавија денес скопскиот градоначалник Петре Шилегов и Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет, потпишувајќи Меморандум за соработка со помеѓу двете институции.

– По преземената инспекциска контрола на терен, градот превзема обврска да го отстрани градежниот материјал кој им го попречува развојот на дрвјата и на тој начин им го загрозува животот – изјави Шилегов, наведувајќи дека Шумарскиот факултет ќе изврши обука и со својата експертиза ќе го помогне процесот на ослободување на забетонираните дрвја.

Шилегов ги повика и градоначалниците на скопските општини да воспостават соработка со Шумарскиот факултет со цел да се лоцираат сите градежни пропусти кои довеле до вакви појави и да се превенира идно погрешно третирање на вегетацијата во градот.

– Постарите дрвја, кои се и најзасегнати со овие непрописно изведени градежни активности воедно и најмногу придонесуваат за квалитетот на животната средина во градот и ние мораме да ги заштитиме – рече Шилегов.

Откако ги објавивме податоците за заробените стебла, имаше брза реакција од Град Скопје и превземени се сите потребни подготовки за да се ослободат, вели професор Сотировски од Шумарскиот факултет.

– Многу бргу откако беше објавена сторијата за заробените дрвја, почнаа реакции во јавноста. Преку овој случај можевме да видиме колкава е моќта на медиумите и колку можат да одиграат позитивна улога – рече Сотировски.

Тој појасни дека на заробените дрва мора да им се ослободи простор во радиус од најмалку 15 сантиметри од стеблото за да имаат доволно кислород и вода инаку губиме вредна вегетација.

– Едно постаро стебло вреди повеќе одошто стотина садници. Евидентен е трендот се што може да се забетонира или поплочи. Се помалку има слободни површини во градот кои не се прекриени, а тоа им создава проблеми на дрвјата – додаде Сотиров, кој како најпроблематични ги посочи локациите на дрвјата кои се наоѓаат на булеварите и секаде онаму каде има малку слободен простор.