Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, на првиот училишен ден го посетија средното училиште „Панче Арсовски“, каде на учениците запишани во прва година им посакаа добредојде во училиштето, успех во совладувањето на наставните содржини и многу убави спомени од средношколските клупи.

– Денеска почнува новата учебна година, а на учениците запишани во прва година им посакувам што полесно да се вклопат во новата средина и да постигнуваат успех во учењето. Годинава во прва година во средните училишта на Град Скопје се запишани 5.768 ученици, а конкретно во СУГС „Панче Арсовски“ – 121 ученик. Како и во изминатите години, Градот Скопје во текот на овој летен распуст ги обнови и реконструира објектите на девет средни училишта што се во негова надлежност. СУГС „Панче Арсовски“ доби нова фасада, а беше реконструиран и оштетениот покрив. Во другите училишта, пак, се заменуваа прозорци и врати, се обновија подови во училниците и во фискултурните сали, се реконструираа санитарни јазли, како и дворни површини. Градот Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои околу 31,3 милиони денари. Значајно е да се нагласи дека во текот на изминатите години, односно од 2009 година до 2015 година, Градот Скопје за реконструкција и за санација на средните училишта од буџетот има издвоено повеќе од 220 милиони денари, со што придонесовме значително да се подобрат условите за работа и на учениците и на наставниот кадар – истакна Трајановски.