Водечките косовски медиуми јавија дека во северниот дел на Косово имало 17 лица заразени со корона-вирус и дека преку 200 лица биле во самоизолација, како и дека тоа го соопштил градоначалникот на Северна Митровица, Горан Ракиќ на прес-конференција. Во своето обраќање, меѓутоа, Ракиќ тоа не го изјавил.

Двајцата градоначалници на Северна и Јужна Митровица, Агим Бахтири и Горан Ракиќ, заедно со командантот на КФОР, Михаел Ризи, доцна синоќа одржаа прес-конференција на мостот на реката Ибар, што го дели градот на „српски“ и на “албански“ дел од завршувањето на воениот судир на Косово, на која зборуваа за пандемијата на корона-вирусот. Обраќајќи им се на граѓаните, тие ги повикаа да се придржуваат до пропишаните заштитни мерки и истовремено апелираа граѓаните да останат во своите домови.

Косовските медиуми – Газета Експрес, Инсајдери, Индексонлајн, Зери, Епока е ре, Газета Блиц и Вериу Инфо, известуваа за овој настан, истакнувајќи го во насловите податокот дека 17 лица биле заразени во северно Косово. „Градоначалникот на Северна Митровица, Горан Ракиќ соопшти дека во северниот дел на Косово има 17 заразени и преку 200 граѓани во изолација“ се вели во текстовите објавени во овие медиуми.

Меѓутоа, Ракиќ во своето обраќање во ниту еден момент не го спомна бројот на заразени во северно Косово што може да се слушне и од видео-снимката на порталот Коссев, чиј новинар го проследил настанот. Овој портал наведува дека на споменатата прес-конференција не биле дозволени новинарски прашања.

Кога станува збор за бројот на заразените на северот, во текот на вчерашниот ден, д-р Златан Елек, заменик директорот на Клиничкиот болнички центар во Северна Митровица изјави дека во четири општини во северниот дел на Косово има 12 лица кои биле позитивни на корона-вирусот, пренесува „Коссев“.

Само Клан Косова, во својот текст под наслов „17 заразени со корона-вирусот во северните косовски општини“ се повикува на сознанија до кои самите дошле, додека во друг текст, под наслов „Бахтири и Ракиќ соработуваат во борбата против корона-вирусот – 17 заразени во северните општини“ информацијата за 17 заразени лица и 200 во изолација била наведена како факт, без притоа да се повикуваат на било каков извор.