Во Неготино е покрената постапка за изградба на депонија за индустриски и неопасен отпад. Додека ВМРО – ДПМНЕ обвинува дека актуелната локална власт предводена од СДСМ со сите сили го турка овој проект, градоначалникот Тони Делков одговара дека тоа е проект на претходната власт.

Делков на денешната прес-конференција изјави дека локацијата, која што е спорна за граѓаните и екологистите, е предвидена во планската документација за изградба на депонија за индустриски отпад од претходните локални власти предводени од ВМРО – ДПМНЕ.

– Јас со моето семејство и моите две деца живееме во Неготино и никогаш нема да дозволам да се гради депонија каде ќе се третира опасен отпад донесен од други држави – рече Делков.

Градоначалникот соопшти дека на 9.10.2009 година, Советот на општина Неготино донел одлука за давање на согласност за формирање на депонија за индустриски отпад на територијата на општина Неготино. Одлуката е потпишана од тогашниот претседател на советот, Ванчо Апостолов.

– На 01.12.2009 година од МЖПП е донесено решение за основање на депонија, решение потпишано од тогашниот министер Неџат Јакупи. На 24.02.2011 година МТВ и приватна фирма склучуваат договор за засновање на право за долготраен закуп на градежно земјиште со јавно наддавање, во период од 50 години. На 07.05.2012 година општина Неготино издава одобрение за изградба на депонија за индустриски отпад потпишано од тогашниот градоначалник Пане Трајков. На 17.07.2017 година општина Неготино испраќа ургенција до МТВ за раскинување на договорот за закуп, но поради тоа што закупецот не плаќал за концесијата – кажа Делков.

Тој ги повика граѓаните да не креваат паника, бидејќи од продажбата на земјиштето до добивањето на одобрение за градба, било кој инвеститор мора да ги исполни сите пропишани законски прописи.

– Личен став е дека нема никогаш нема да дозволиме да се депонира опасен отпад донесен од други држави. Здравјето на граѓаните и зачувувањето на здравата животна средина ни е приоритет број еден, рече градоначалникот Делков.

Екологистите се јасни дека депонија за индустриски отпад не треба да има во Неготино. Здружението на граѓани „Ековита” од Неготино покрена иницијатива за спроведување на референдум на локално ниво за стопирање на целата постапка за изградба на депонијата. Иницијативата веќе е доставена до подрачната канцеларија на ДИК Неготино. Во исто време, се бара и поништување на одлуката донесена од Советот на општина Неготино за изградба на депонија за индустриски инертен и неопасен отпад во катастарска општина Пепелиште, место викано Шобово.