Поригорозни мерки за Прилеп, слични на оние што ги изрече Владата за општина Куманово, побара прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски, откако вчера се евидентирани нови 9 случаи на заразени од корона вирусот, со што вкупниот број на заболени од КОВИД-19 достига 33.

– До овој момент, нема нови случаи денеска. Но, имајќи предвид дека за два дена бројот на инфицирани се зголеми за 50 отсто, односно од 22 на 33, како градоначалник испратив барање до Владата и премиерот Оливер Спасовски и за Прилеп да бидат донесени поригорозни мерки, слични на мерките за Куманово – изјави денеска градоначалникот Илија Јованоски.

Во инфективно одделение една докторка е заболена од КОВИД-19, но негативни се тестовите за корона вирусот за другата докторка, така што одделението непречено ќе работи. Хоспитализирани се тројца заболени со полесна клиничка слика.

Градоначалникот апелира до сите граѓани да останат дома, а до стоматолозите и матичните лекари да бидат достапни за своите пациенти, бидејќи тоа е нивна обврска, а пак сомнителните случаи на тој начин и порано ќе се детектираат.

Во општина Крушево се појавија првите два случаи со корона вирус. Извршени се 10 тестирања за кои се чекаат резултати, шестмина се во самоизолација по препораки на Центарот за јавно здравје во Прилеп, каде што е отворен пунктот за борба против пандемијата.

– И директорката на Здравствен дом заедно со својот сопруг којшто е матичен лекар се во самоизолација, чекајќи ги резултатите од анализите. Ги преземаме сите мерки, се врши дезинфекција на Здравствениот дом, на влезовите на зградите, фирмите, се дезинфицира главната улица. А, ангажиравме и 8 лица преку УНДП за непречена достава на храна и лекови до семејствата на социјално загрозените и немоќните лица – изјави крушевскиот градоначалник Томе Христоски, порачувајќи им на граѓаните да останат дома.