Град Скопје: Во депонијата Дрисла не се согорува опасен отпад без дозвола

Фото: Бојан Блажевски

По денешната прес-конференција на директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски, на која тој посочи дека депонијата Дрисла не смее да прими и третира 26 видови на опасен отпад, реакција стигна од Градот Скопје.

„Во ЈП Дрисла освен медицински отпад кои се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола“, наведуваат од Град Скопје во реакцијата.

Тие додаваат дека од јавното претпријатие Дрисла постапуваат по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство имаат поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад.

„После долго време на некомпетентност и негрижа во работењето, за само една година откако Дрисла се врати во надлежност на Град Скопје, ова јавно претпријатие прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните“, тврдат од Град Скопје.

Тие додаваат дека набавен е нов стерилизатор за третман на медицински отпад, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад.

Од Државниот инспекторат за животна средина пак денеска рекоа дека инспекторите изрекле решение за забрана „Дрисла“ да врши прием и третман на 26 шифри, односно видови на опасен отпад, меѓу кои е и отпад од пестициди, киселини, опасен отпад што содржи жива, поради непоседување на инсталација за третман или преработка на посочениот отпад. Депонијата не е парично казнета и има рок од 90 дена да ја усогласи дозволата за работа со ова решение.

„Мета.мк“ веќе пишуваше за случајот со опасниот отпад на „Дрисла“. Директорот на депонијата Коста Начевски тогаш информираше дека имаат инсталација за третман на овој тип отпад, но не е функционална. Набавена била без поголем дел од хардверот, за кој продавачот побарал 1,5 милиони евра.