fbpx

Град Скопје со повик ќе избира приватни автобуски превозници

-

На ден пред најавените блокади од приватните превозници на улиците, скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска информираше дека Градот Скопје ќе објави нов јавен повик на којшто ќе може да се пријават сите заинтересирани возачи кои и досега возеле на градско-приградските линии. Арсовска најави дека ЈСП-Скопје во иднина ќе им префрла директно средства за извозените километри на линиите, со што ќе се елиминираат здруженијата како посредници.

Како одговор на вчерашниот предупредувачки протест пред бараките на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ им порача дека со неколку денови недвижење и несообраќање на градско-приградските линии, на приватните превозници по автоматизам им се раскинуваат договорите со Град Скопје.

Скопската градоначалничка додаде дека ЈСП-Скопје денеска има 270 оспособени автобуси за да се пуштат во сообраќај и дека ако ова јавно претпријатие работи со полн капацитет, тогаш ќе може да се овозможи јавен превоз во градот. Меѓутоа, Арсовска рече дека нивната цел не е да ги исклучат приватните превозници од линии, порачувајќи им да се пријават на претстојниот јавен повик како индивидуални превозници.

Арсовска негираше дека приватните превозници од Скопје имаат 200 автобуси и додаде дека се работи за 50-тина автобуси од „Слобода превоз“.

Градоначалничката денеска изјави дека досегашните договори со приватните превозници предвидуваат ЈСП да им исплаќа по едно евро за извозен километар, односно по 1,5 евра по извозен километар по поскапувањето на горивата, но од оваа сума треба да се одбие сумата која приватните превозници ја оствариле од продажба на билети за возење.

„Имено, евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“, истите од 2017 година, се до овој момент немаат пријавено продажба на ниту еден билет во своите автобуси иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно. Ова го пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа го фактурирале на ЈСП“, изјави градоначалничката Данела Арсовска.

Таа на прес-конференцијата ги обвини „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ дека наплаќале билети, тие пари не ги пријавувале и ги ставале во џеб, а потоа фактурирале и 400.000 евра од ЈСП Скопје секој месец, а ваквото работење траело цели пет години.

„Веруваме дека најголемиот дел од сопствениците на приватни автобуси кои членуваат во здруженијата „Макекспрес“ и „Слобода Превоз“ се чесни луѓе кои од возењето автобус го прехрануваат семејството. Но злоупотребите на овие здруженија нема да се премолчуваат, туку напротив со постапување на институциите овие злоупотреби ќе се спречат, што ќе резултира и со покренување на соодветна постапка по финалниот ревизорски извештај“, изјави градоначалничката Арсовска.

Инаку, на вчерашниот собир пред Град Скопје приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ информираа дека ЈСП-Скопје и Градот Скопје им должат повеќе од еден и пол милион евра и дека тие се соочуваат со извршители, поради кредити и долгови за набавката на нафта со која возеле на линиите. Возачите на приватните превозници предупредија дека ако до утре не им се пуштат пари, ќе започнат со блокирање на скопските улици.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...