фото: Град Скопје
Фото: Град Скопје

Постоечкиот регистар на имињата на улици, плоштади, мостови, и други ифраструктурни објекти во Скопје, е дополнет со нови 571 имиња, соопштија од Град Скопје. Листата опфаќа имиња на истакнати личности од градското, националното и светското културно и историско наследство, поважни личности и настани од македонската и од светската историја и друго.

„Од вкупно 571 име, 479 се имиња на истакнати личности, од кои 79 се имиња на жени, а останатите се имиња на поими кои означуваат поважни настани, топоними и други поими. Во дополнувањето на листата вратени се и имињата на улиците од периодот на солидарноста и изградбата на повоено Скопје, а кои беа отстранети со претходни одлуки на Советот на градот“, се вели во соопштението на Град Скопје и се додава дека сите идни промени на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје ќе се црпат исклучиво од оваа листа.

Предлозите за имиња на градските улици се според онлајн анкета на граѓаните во летото 2019, како и од други доставени иницијативи.

Менувањето на имињата ќе се случи, откако листата ќе биде усвоена на Совет.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, напиша на својот фејсбук профил, дека е ова едно од неговите предизборни ветувања, враќање на идентитетот на Скопје.