Извор на фотографија: Град Скопје

Советот на Град Скопје денеска донесе Одлука за изменување и дополнување на Програмата за уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 2021 година, со која се предвидува реконструкција и проширување на булеварот Борис Трајковски од населбата Пинтија до Драчево, информираат од Град Скопје.

„Станува збор за капитален инфраструктурен проект со кој ќе се продолжи булеварското решение на потег од влезот во населбата Пинтија до Драчево, во должина од над 2 километри. На овој потег оваа сообраќајница ќе се реконструира и прошири и ќе прерасне во модерен булевар со 4 сообраќајни ленти, пешачки и велосипедски патеки, модерно и енергетски-ефикасно јавно осветлување, како и дополнителна комунална инфраструктура“, велат градските власти.

Од градот велат дека овој инфраструктурен проект особено ќе биде значаен за околу 70.000 граѓани од Кисела Вода, Драчево, Пинтија, Лисиче, Студеничани и околните населени места кои ќе можат побезбедно и полесно да патуваат, а голем бенефит ќе има и индустриската зона лоцирана во овој дел на градот.

Инаку, булеварот Борис Трајковски на потегот од Пинтија до Драчево во моментов е една од најмалку безбедните сообраќајници во Скопје, особено за пешаци и велосипеди. Бидејќи нема соодветни патеки, граѓаните кои пешачат или возат велосипед се приморани да се движат по коловозот или да газат во кал, додека асфалтот на коловозот на оваа сообраќајница е преполн со дупки и не е саниран со децении наназад.