Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за формирање јавно претпријатие за хуманиот третман на животните скитници, а новото претпријатие ќе го носи името „Лајка“.

„Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани“, информираат од Град Скопје.

Од таму додаваат дека новиот систем ќе овозможи Градот Скопје стратешки да се справи со проблемот на животните скитници од скопските улици преку воспоставување поефикасна контрола над популацијата на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје.