Семафорите на булеварот кој се наоѓа на периферијата на градот не беа пуштени во употреба сто дена, што претставуваше закана за безбедноста на сообраќајот | Фото: Порталб.мк

Поминаа два месеци од пуштањето во употреба на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ во скопската општина Бутел, меѓутоа едната од двете раскрсници и понатаму е без семафори. Возилата, но и пешачите што се движат по овој патен правец, се загрозени. Од Град Скопје порано се оправдуваа дека ЕВН треба да ги пушти во употреба истите откако ќе постави мерила за струја, а сега велат дека страничните улици не се функционални, но „Порталб.мк“ излезе на терен и увиде дека на овие патишта се движат возила.

Градските власти ја сменија причината поради која семафорите на булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ не се пуштени во употреба, пишува „Порталб.мк“. Најпрво ни рекоа дека семафорите сè уште не се поврзани бидејќи нема мерила и дека ЕВН треба да ги постави истите, а сега велат дека двете секундарни улици на оваа раскрсница не се функционални.

– Сè уште не се функционални двете секундарни улици кои ја поврзуваат  раскрсницата. Откако ќе бидат пуштени во функција, ќе се регулираат и семафорите – велат од Град Скопје.

Меѓутоа, од она што може да се види на терен, на раскрсницата се движат возила во сите четири правци, и покрај ризикот по безбедноста во сообраќајот поради нефункционирањето на семафорите.

Имајќи во предвид дека булеварот се наоѓа на периферијата од Скопје, каде што има низок промет на возила, забележавме дека дополнителна опасност на оваа улица претставува и тоа што возилата се движат со големи брзини, и овој булевар е претворен во своевиден „автопат“.

Булеварот се наоѓа во северниот дел од Скопје и истиот ги поврзува населбите Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен и Чучер Сандево. Новиот булевар е широк 40 метри, со шест ленти од по три и пол метри. Од двете страни има велосипедски патеки, пешачки патеки и зеленило. Поставена е и нова водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, како и ново улично осветлување со 140 столба.