Град Скопје ги брка продавачите на антикварни книги, стрипови и плочи од кејот на Вардар

Дрвените куќички - антикварници на кеј „13 ноември“ во Скопје. Фото: Meta.mk.

Продавачите на стари книги и други антикварни предмети кои ги користат дрвените куќички на Кејот „13 ноември“ добиле наредба од Градот Скопје да се иселат, заедно со своите залихи, најдоцна до 21 април.

Според изјавите на упатените лица кои сакаа да останат анонимни, градот на овие лица, од кои дел се претставници на социјално ранливи категории, не им понудил алтернатива за постојните продавнички. Не им било објаснето ни која е причината за прекин на користењето на куќичките.

Од Градот Скопје за Мета.мк потврдуваат дека корисниците на дрвените куќички се веќе известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќичките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат на Градот Скопје во состојба во којашто ги примиле според Записникот. Градските власти објаснуваат дека не постои правен основ за нивно понатамошно користење, но и дека не е предвидено рушење на куќичките.

„Согласно Јавниот оглас за пријавување на интерес за користење на јавни површини од 02.03.2011, истите се давале на користење во период од 12 месеци со можност за  продолжување. Корисниците во 2012 година склучиле договори со Градот Скопје во времетраење од една година, на кои договори склучувале анекси со важност до 31.01.2018 година. Од 01.02.2018 година корисниците веќе немаат никаков важечки договор со Градот Скопје за користење на куќарките на микролокациите. Во разговор со нив од претходниот градоначалник и секретар на Градот Скопје им било кажано дека и без никаков склучен договор можат да ги користат куќарките“, се вели во одговорот од Град Скопје.

Тие додаваат дека од вкупно девет корисници, кај продавачите на стари книги и други антикварни предмети од Кејот „13 Ноември“, седум се функционални тезги. Ова практично значи дека продавачите на стари книги и други антикварни предмети ќе треба да бараат друга локација за да ја продолжат својата работа. На нашата констатација дека дел од продавачите се во тешка материјална положба, од Градот Скопје не одговорија на прашањето дали планираат да им најдат друга локација каде би можеле овие продавачи да ја продолжат својата дејност.

Дел од урбаното културно милје

Луѓето кои продаваат антикварни изданија имаат посебна улога во културниот живот на Скопје, играјќи слична улога како култниот плоштад Славејков во Софија. Продавачите служат како канал за рециклирање и реупотреба на изданија, бидејќи нудат можност за граѓаните кои не сакаат нивните стари или наследени книги и стрипови да завршат на ѓубриште, да се рециклираат, односно да го продолжат нивниот употребен век.

Разликата меѓу откупните и продажните цени е мала и можноста да се профитира од овој бизнис е скромна. Интересот за стари хартиени и винилни записи е мал, а цените се на ниво од два или повеќе пати пониско од она што се бара за нови книги во книжарниците.

Така на пример, повеќето стрипови се продаваат по цени од околу 30-50 денари за „Микијев забавник“ или „Алф“, до 50-100-200 денари за „Златна серија“, „Лунов магнус стрип“, „Алан Форд“, „Загор“ на македонски и други класични изданија – во зависност од сочуваноста на примерокот.

Антикварниците на кејот се едно од ретките места во Скопје каде може да се најдат стари изданија на стрипови на македонски јазик, како „Загор“ од 2007 година. Фото: Meta.mk.

Цените за грамофонските плочи во зависност од тоа дали се сингл или лонг плеј се движат од 50 до неколку стотици денари, што е често поевтино од пазарите или „бувљаците“ во соседните земји. Само за ретки и особено добро сочувани книги или плочи се бара сума поскапа од десетина евра.

Грамофонски плочи, книги и други производи од популарната култура од претходните 60-тина години. Фото: Meta.mk.

Прекин на десетгодишната традиција

Понекогаш „на Кеј“ може да се најдат и уникатни артефакти од културната историја, како „Микијев забавник“ на словенечки јазик од 1979 година (печатен во Скопје). Фото: Meta.mk.

Дрвените куќички кои служат како продавници за стари книги и други публикации беа воведени во јули 2012 година како решение за „проблемот со дивите препродавачи на книги, односно несредениот начин на продавање стари книги“, според изјавата на тогашниот градоначалник Коце Трајановски. Според него, импровизираните тезги на кои се продаваа стари книги и стрипови создавале „грда слика за градот“.

Тогаш Град Скопје објави дека има инвестирано 4,5 милиони денари (околу 73 илјади евра) за градење на деветте куќички на кејот. Тие потоа преку јавен оглас беа доделени на корисниците за симболичен надомест од 500 денари месечно.

Иако куќичките на кејот се во непосредна близина на строгиот центар на градот, фреквенцијата на минувачи е далеку помала од просторот околу плоштадот „Македонија“. А многу мал дел од минувачите се и потенцијални купувачи, бидејќи новите генерации – локални родители ретко ги поттикнуваат децата да читаат од хартија. Просторот е и надвор од традиционалните рути, по кои во минатото минуваа тури на странски туристи, кои обично се движат меѓу Старата Железничка станица и Старата чаршија.

Условите за работа за продавачите се исклучително тешки, бидејќи освен покрив над главата, односно простор за складирање на книгите, куќичките не нудат никакви други погодности. Луѓето се комплетно изложени на милост и немилост на временските прилики, без струја и со никаква можност за инсталирање уреди за греење или пристап до санитарен јазол. Само ако предметите се изнесат надвор на тезга, во куќичките има простор да влезе продавачот. Во случај на дожд, накиснуваат или книгите или продавачот. На дел од градбите може да се забележат и траги од обиди за обивање или крадење на книгите од минијатурните витрини со стакло.

Според кажувања на засегнатите, во време на градоначалникувањето на Петре Шилегов, градските служби покажале разбирање за тешката материјална положба на луѓето кои продаваат стари книги и во одреден период заради економската криза и не им го наплатувале месечниот паушал.

Просторот на кој се поставени куќичките е во непосредна близина на градилиштето на новиот комплекс на бившиот паркинг пред хотелот „Холидеј Ин“ кој беше предмет на контроверзна приватизација.