Град Скопје додели три милиони денари помош на Петриња и на Загреб

Советот на Град Скопје на денешната итна вонредна седница донесе Одлука за давање помош на настраданите од катастрофалните земјотреси во Петриња и во Загреб, Хрватска, во кои има човечки жртви и се повредени повеќе лица.

„Со оваа одлука, како израз на солидарност за настраданите, Градот Скопје дава помош во износ од 3 милиони денари, односно 2 милиона денари на градот Петриња и еден милион денари за градот Загреб, износ кој го доделуваме на сите градови за вакви и слични неприлики“, стои во соопштението на Град Скопје.

Градоначалникот Петре Шилегов на седницата изјави дека Скопје е град на солидарноста и знае што значи помош по вакви катастрофи, па затоа во кординација со сите советнички групи во Град Скопје е свикана вонредната седница на Советот на која се донесе одлуката за помошта во износ од 32.500 евра за Петриња и 16.250 евра за Загреб.