Фото: Арбнора Мемети

Буџетот на Град Скопје за 2021 година е во финална фаза на подготовка и градските власти делумно ќе ги прифатат доставените предлози на граѓанската иницијатива „На Точак“ за развој на велосипедската инфраструктура, унапредување на безбедноста на велосипедистите во сообраќајот и целосно ослободување на кејот на реката Вардар.

„Предлозите на иницијатива „На Точак“ за Буџетот на Град Скопје за 2021 година се внимателно разгледани, но според начинот на кој се побарани во голема мера не може да биде исполнети од технички причини“, информираат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

„На Точак“ со писмо до градоначалникот Петре Шилегов и до Советот на град Скопје побараа догодина да се обезбедат минимум 30 отсто од вкупниот буџет за патна инфраструктура за велосипедска и пешачка инфраструктура, односно барем 70 милиони денари. Од Град Скопје велат дека за ставката патна инфраструктура догодина планираат околу 827 милиони денари, но нагласуваат дека велосипедската и пешачката инфраструктура не можат да се одвојат како посебна ставка од улиците.

„Во Буџетот на Град Скопје, изградбата на патна инфраструктура (улици, тротоари, вело патеки) е во една ставка, па невозможно е да се издвојат во посебна ставка или да се одвојат 15 отсто само за таа намена“, велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

Градските власти велат дека новитет во предлозите од „На Точак“ е барањето за субвенции за сервис и резервна опрема за велосипеди, но во моментов Градот нема потребни механизми за реализација на ова барање, имајќи предвид дека овој вид субвенции може лесно да доведат до многу злоупотреби.

„Градот Скопје секоја година дава субвенции за велосипеди, кои споредено со барањето за сервис, се и многу полесни за администрирање“, велат тие.

Во однос на предлозите за промена на рабниците на булеварите во Скопје и за густо поставување на столпчиња по сите велосипедски ленти, Градот Скопје вели дека веќе ги прифатиле. Средства за поставување рабници се многу повисоки од 4 милиони денари, а како и досега, ќе се поставуваат на сите локации каде велосипедистите ќе укажат дека има проблеми.

Исто и за заштитните столпчиња на велосипедските ленти, Градот Скопје секоја година издвојува средства повисоки од 5 милиони денари, но сметаат дека овие средства не треба да се издвојуваат во посебна ставка, бидејќи тоа би довело до непотребни трошоци и неразумно трошење на време при реализација на градежните активности на терен.

Во однос на велосипедската патека на кејот на Вардар, скопските власти ветуваат дека догодина ќе биде целосно прооден кејот за велосипедистите во центарот на Скопје. Сепак, продолжувањето на велосипедската патека од фабриката „Купром“ во Хром во правец кон Ѓорче Петров засега е несоодветно, бидејќи најпрво треба да се изгради минор и мајор коритото на река Вардар, а тој проект би чинел многу повеќе од 20 милиони денари колку што би чинела велосипедската патека.

„Во моментов до источната граница на ДУП-от постои велосипедската патека, односно до железничкиот мост во Лисиче. За жал, таа е неупотреблива за велосипедисти и ја користат собирачи на отпад и палачи на диви депонии. Правењето велосипедски патеки на места каде што нема фреквенција на луѓе, соодветна инфраструктура или нивна потреба е контра продуктивно“, сметаат од Град Скопје.

Во врска со предлогот „Бројачи на велосипеди“ од „На Точак“, Град Скопје смета дека ова е важна тема и е во план за реализација, но сепак поради намалените приходи предвидени за следната година ќе остане за реализација во иднина или ќе се бара начин да биде реализирано со донација. Инаку, „На Точак“ предложија догодина да се постават 5 бројачи на велосипеди на клучните велопатеки во Скопје, во вредност од 4,5 милиони денари.

За „Простор Антикорона“, за кој „На Точак“ побараа 20 милиони денари од градскиот буџет за 2021 година, од Град Скопје велат дека ќе продолжат со активности и во следната година, по примерот на овогодинешното отстранување на рекламните билборди. Средства за оваа намена не се издвоени, бидејќи и досегашните активности биле без финансиски импликации.

Градот Скопје догодина ќе гради нови велосипедски патеки или ќе ги реконструира постојните на улиците Христо Татарчев и Вера Јоциќ (Општина Кисела Вода), булеварите Видео Смилевски Бато и Србија и на улица Владимир Комаров (Општина Аеродром), булевар Александар Македонски и улица Благоја Стефковски (Општина Гази Баба), булевар Босна и Херцеговина (Општина Бутел), булевар Никола Карев и улица Џон Кенеди (Општина Чаир), улиците Лондонска и Јуриј Гагарин, со довршување на патеките на булевар 8 Септември и на улица Никола Парапунов (Општина Карпош), како и улиците Рузвелтова, 11 Октомври и Лазар Личеновски, заедно со булевар Митрополит Теодосиј Гологанов од кружниот тек до студентскиот дом Кузман (Општина Центар).

Конечно, во однос на предлогот од „На Точак“ за издвојување на 600.000 денари за изработка на стратешки документ за безбедност во сообраќајот – Визија нула – Визија за Скопје без жртви, од Градот велат дека тие настојуваат за неколку години Скопје да биде еден од градовите без жртви во сообраќајот, но не можат да се обврзат на имплементација на „Визија 0“ бидејќи во голема мера сообраќајот и сообраќајните политики досега се регулирани од други државни органи, а не од Град Скопје.