Предвидените траси за двете линии на брз автобуски превоз во Скопје. Илустрација: Град Скопје

Град Скопје соопшти дека за почетокот на спроведувањето на проектот за брз автобуски превоз во Скопје се очекува Владата да го потпише договорот со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за заем од 70 милиони евра со рок на отплата од 15 години, како и експерти на ЕБРД да ја доработат техничката документација што ја подготвувале екипи на градската управа и на ЈСП „Скопје“. „Мета“ претходно пишуваше дека доцни објавувањето на идејниот проект. Договорот за неговата изработка беше склучен минатата есен.

„Откако Собранието го усвои законот за задолжување, конечно се отвори патот Скопје да добие современ и добро организиран јавен превоз и да се придружи на друштвото од успешни градови со Брз автобуски превоз (БРТ) коридори“, посочуваат од Град Скопје.

(Кликнете на илустрацијата за поголема верзија)

Предвидените траси за двете линии на брз автобуски превоз во Скопје. Илустрација: Град Скопје

Проектот опфаќа две линии со коридори резервирани за брз автобуски превоз – Линија 1 (исток – запад), од Ѓорче Петров преку Центар до Ново Лисиче, од 12,81 km и 21 автобуска постојка, а Линијата 2 (север – југ) ќе тргнува од Железничката станица Скопје Север и ќе завршува кај Пинтија, во должина од 10,4 km со 20 постојки. Двете линии ќе се преклопуваат во Центар.

Покрај еколошките придобивки, односно намалување на загадувањето на воздухот, „брзите автобуси“ ќе овозможат и времето на патување меѓу крајните точки да се скрати на половина.

„БРТ овозможува намалување на времетраењето на превозот на патниците и намалување на загадувањето на воздухот. Со имплементацијата на првата фаза, трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче со должина од 12,81 километри во една насока, 21 автобуска постојка и 2 терминали, времето на патување од сегашните 70 минути ќе се намали за повеќе од 50 отсто, односно времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути“, се вели во соопштението од градската управа.

Посебната траса за брзи автобуси ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај, а автобусите би требало да пристигнуваат на 3-4 минути за време на шпицот. Град Скопје вели дека со „брзите автобуси“ значително ќе се подобри севкупниот јавен превоз во Скопје бидејќи ќе овозможи поголема покриеност низ градот преку пренасочување на сегашните автобуси на други автобуски линии.

„Зголемен број корисници на јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните бидејќи брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава“, порачуваат од Град Скопје.