Град Скопје со кризни мерки за културата, најавени се маалски концерти

Град Скопје ги претстави мерките со кои што излегува во пресрет на барањата на независната културна сцена. Со „Култура во време на Корона“ се предвидува пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата, како и адаптирање на културните програми на сите градски институции на новите услови на работа.

„Скопје како кандидат за европски град на културата 2028 мора да покаже дека се грижи за домашната сцена и особено за локалните невработени уметници во овој критичен период за нивниот опстанок. Затоа, го задржуваме истиот буџет за култура, но средствата ги насочуваме кон луѓето и програмите, наместо кон капиталните инвестиции. Луна Паркот како неприоритетна инвестиција ќе биде одложен за некоја година, но затоа Универзалната Сала и веќе започнатите реконструкции во градските институции ќе се реализираат“, изјави градоначалникот, Петре Шилегов.

Од наредната недела градот ќе организира маалски концерти кои што ќе имаат можност да се следат од балконите. Притоа, ангажираните изведувачи ќе бидат невработени уметници и ќе добиваат еднаков солидарен хонорар од 14.500 денари.

Програмите на градските културни институции ќе се пренасочат онлајн. Доајените во културата со над 70 години ќе добиваат логистичка и психолошка поддршка од волонтери на Град Скопје.

Овие мерки доаѓаат како резултат на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“ кои беа поддржани од ЈАДРО – асоцијација на независната културна сцена  и Синдикатот на Културата (СКРМ) до Градот, за заштита на социјалната состојба на уметниците од независната културна сцена, а се изработени од Младинскиот Културен Центар како институција со најголема поврзаност со независната култура.