Градското раководство на Скопје соопшти дека вчера до Регулаторната комисија за енергетика поднело барање за лиценца за дистрибуција на топлинска енергија за јавното претпријатие АД Градски енергетски системи (ГЕС) – Скопје, кое треба да го преземе централното греење во градот.

„Во прилог на Барањето за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија е поднесена документација со која се потврдува дека АД ГЕС-СКОПЈЕ е единствено правно лице кое има востановено трајно право на користење на недвижни ствари-линиски инфраструктурни објекти, енергетска инфраструктура – топловоди во сопственост на Република Северна Македонија коишто се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје“, се вели во соопштението од Град Скопје.

АД ГЕС – Скопје доставила информација за обезбедени средства за тековно работење и набавка на основни средства за работа, и ја информирало Регулаторната агенција дека за вработување на стручните кадри се потребни максимум 45 дена.