Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска најави дека со Економскиот совет на Владата наредната недела ќе ја договараат изградбата на првата трамвајска линија во Скопје, како дел од новиот концепт за јавниот превоз во главниот град. Градските власти во текот на денешниот ден ќе ја достават информацијата за проектот трамвај во Скопје до Владата.

– Во вторникот имав работен состанок со премиерот Зоран Заев на кој го претставив концептот за јавен транспорт во Скопје. Се договоривме информацијата Градот Скопје да ја достави до Влада, па потоа да биде свикан Економскиот совет – изјави градоначалникот Шилегов.

Доколку се обезбеди финансирање од владата за овој проект, Градот Скопје е подготвен веднаш да започне со изведбата на првата трамвајска линија. Станува збор за трасата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, за чија реализација веќе беше изготвено идејно решение од страна на ЗЕТ – Загреб.

За изградбата на првата трамвајска линија се изработени три варијанти, кои посочуваат дека нејзината изградба би чинела меѓу 167 и 310 милиони евра. Најскапата варијанта предвидува изградба на подземна траса за трамвајот меѓу населбите Карпош 4 и Ново Лисиче, но оваа варијанта барем досега се сметаше дека е најмалку веројатно за да се реализира.

Првичната фаза од проектот за изградба на трамвај во Скопје предвидува изградба на трамвајска траса во должина од околу 15 километри, подигање на трамвајско депо во населбата Ѓорче Петров и набавка на нови трамвајски возила. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов уште лани најави дека проектот за изградба на скопскиот трамвај би можел да почне да се реализира во 2019 година.