Јавниот систем за изнајмување велосипеди во Љубљана; Фото: Бојан Блажевски

Градските власти во моментов работат на подготовка на проектната документација за воведување на најавуваниот јавен систем за самоизнајмување на велосипеди во Скопје. Станува збор за поставување на пунктови на 30 локации низ главниот град, кои би биле опремени со терминал за самоизнајмување на велосипеди и 20 држачи за велосипеди.

– Проектирањето на овој проект сѐ уште не е завршено и токму тоа треба да даде прецизни одговори за тоа на кои локации да се постават пунктовите, каков вид на велосипеди, нивниот број, распространетоста и слично – велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

Градските власти минатото лето се одлучија идниот автоматизиран систем за изнајмување велосипеди да го префрлат на ЈСП-Скопје, со што тој полесно би се вклучил како алтернативно превозно средство во скопскиот јавен превоз. Идејата е граѓаните да можат со кредитна картичка или СМС порака да подигнат велосипед на некој од 30-те пунктови, да го користат како превозно средство и да го вратат по неколку часа на било кој од поставените пунктови низ Скопје. Рокот за реализација на овој проект засега не е прецизиран.

Целта на проектот е да се овозможи непречено функционирање на системот за изнајмување велосипеди во текот на целата година во Скопје, но и да се унапреди и модернизира претходниот проект „Изнајми велосипед“, со којшто управуваше ЈП „Градски паркинг“.

Од Град Скопје информираат дека новиот систем за самоизнајмување велосипеди ќе се разликува од претходниот бидејќи ќе се користи понапредна технологија за изнајмување велосипеди, која ќе биде поедноставна за користење од граѓаните, но и ќе обезбеди поголема безбедност за самите велосипеди. Овие превозни средства во иднина ќе имаат ГПС локатор, така што тие нема да можат да се крадат, а оштетувањата ќе мора да се надоместат од несовесните граѓани.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека во Скопје веќе неколку години наназад со потешкотии функционираше претходниот проект „Изнајми велосипед“, којшто со малиот број пунктови и недоволните инвестиции само го намали интересот на граѓаните за изнајмување на јавните велосипеди. Податоците на ЈП „Градски паркинг“ за изминатите две години покажуваат дека не се остварени приходи од изнајмувањето на овие велосипеди, додека во годините пред тоа се регистрирани симболични приходи недоволни за одржување на самиот систем.