Градот Скопје во новата учебна година ангажира 16 образовни асистенти кои ќе работат со средношколците со посебни образовни потреби, информираат од таму.

„Услугата од асистентите е бесплатна за родителите кои дадоа согласност да се вклучат во проектот. Дел од средствата се обезбедени преку програмата општинско – корисна работа, а дел се од буџетот на градот.Месечниот надоместок за асистентите изнесува нето 9.000 денари, а за нив Градот обезбедува и бесплатен јавен превоз кој ќе можат да го користат за време на ангажманот. Ангажирањето образовни асистенти во средните училишта е продолжување на праксата од минатата година кога Град Скопје за првпат ја реализираше оваа активност. Потребата од повторно ангажирање стручен кадар кој ќе помага на средношколците за време на наставата се должи на позитивното искуство од претходната година и постигнатиот успех на учениците кои ја користеа услугата“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Асистентите кои се ангажираат во рамки на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес – унапредување на правата и можностите за ранливите категории граѓани во Град Скопје“, а кој е во соработка со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и УНДП, ќе работат по четири часа дневно со учениците и ќе им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот.