Град Скопје почнува со отстранување на првата од трите галии во коритото на Вардар, најави Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје на денешнатаа прес конференција.

„Градот Скопје во изминатиов период водеше сериозни правни постапки за да создаде правни предуслови за отстранување на првата галија. Се надевам дека ќе се создават услови без финансиски импликации по градот и по државата овие објекти полека да се отстрануваат“, истакна Шилегов кој потсети дека дислокацијата на галијата кај мостот Гоце Делчев е втора активност на градот по отстранувањето на споменикот на Ќосето.

Во рок од 30 дена корисникот на урбаната опрема има право сам да ја отстрани, во спротивно Градот по истекот на овој рок ќе го направи тоа на негова сметка, односно по 10 април.

Шилегов информираше дека, согласно анексот на договорот што го потпишал корисникот во 2016 година, му било дозволено да не врши дејност затоа што наводно немало услови, но од Градот во 2018 година го известиле дека има услови и дека бил должен да започне со работа во дадениот рок и бидејќи до 6 март годинава тој не постапил во склад со барањето на Градот, ова било констатирано од Комисија формирана од Градот.

„Градот е покриен со банкарска гаранција и целиот процес нема да има финансиски импликации за нас“, додаде Шилегов.

Градоначалникот на Скопје не можеше прецизно да одговори што ќе се случи со самиот објект откако ќе биде демонтиран бидејќи, како што кажа, се работи всушност за градежен објект со темели во реката, кој не може туку-така да се подигне и премести на друга локација без да се демонтира.

„Безбедноста на Скопјани е на прво место и сите анализи досега покажа дека објектите кои се наоѓаат внатре во коритото на Вардар сериозно можат да го загрозат градот со можност за поплава, да предизвикаат материјални штети но и да ги загрозат животите и здравјето на граѓаните“, истакна Шилегов.