Видеото со насилниците кои физички нападнаа девојче во влез на зграда во Штип брзо се прошири на социјалните мрежи, а за случајот реагираше и полицијата. Заменик министерката Славјанка Петровска на својот Фејсбук профил објави дека насилниците се приведени.

Од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство апелираат надлежните институции, независно од моменталната вонредна состојба, да постапат професионално при пријава на насилство и да ги преземат сите мерки што им се на располагање во насока на заштита на жртвата.

„Ги повикуваме Министерство за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство и Министерство за труд и социјална политика на итно разрешување на случајот и покренување на соодветни постапки против сторителите. Го повикуваме и мултисекторскиот тим кој работи на територијата на општина Штип да ги превземе сите мерки за заштита на жртвите. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство предупреди за зголемен ризик од семејно насилство и интимно партнерско насилство во услови на криза и повторно апелира на итно и приоритетно постапување во случаите на насилство врз жени и деца од надлежните институции. Очекуваме кривични пријави и гонење на сторителите согласно законите и Истанбулската конвенција“, велат од Националната мрежа.

Тие потенцираат дека вонредната состојба го отежнува пристапот на жртвите до сервиси за помош и заштита. Како што велат, здравствениот систем е се пооптоварен, медицинските установи се борат да одговорат на предизвиците од коронавирусот, а центрите за социјална работа работат со телефонски јавувања, што севкупно земено им го отежнува на жртвите пристапот до заштита.

Од Хелсиншкиот комитет пак, упатија апел до медиумите и граѓаните да го отстранат видеото од насилничкиот акт врз девојката, кое се прошири на порталите и социјалните мрежи.

„Објавувањето и споделувањето на бруталниот видео материјал претставува продолжена виктимизација и понижување на жртвата. Да покажеме одговорност и емпатија и да не го дозволиме тоа!“, велат од Комитетот.

И од невладината организација Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, повикаа да не се споделува видеото за да се заштити жртвата.

„Родово базираното насилство е секојдневен проблем на кој неуморно укажуваме. Токму затоа, заедно со другите организации будно ќе го следиме исходот и ќе бараме најостри казни“, посочија од ХЕРА.

Реакции од граѓаните имаше и во насока на реобјавување и споделување на видеото во кое не беа заматени лицата, особено на девојката.

Пред само неколку дена во Штип беа регистрирани и два случаи на семејно насилство, во кои жртви се жени. „Мета.мк“ веќе пишуваше за опасноста од ризикот на зголемувањето на случаите за семејно и родово-базирано насилство во време на изолација поради епидемијата.