Денес стапува во сила новиот Закон за бесплатна правна помош, кој на граѓаните со незавидна материјална состојба ќе им овозможи пристап до правдата и остварување на нивните права. Од државниот буџет овие граѓани ќе добиваат бесплатна правна помош од адвокат и ќе можат да ги покријат сите судски и административни трошоци, информираат од Министерството за правда.

Заинтересираните граѓани можат да се обратат до Министерството за правда и до неговите подрачни единици и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од Буџетот на Министерството. Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош.

На прес конференција, министерката за правда Рената Дескоска ги промовираше новините во овој закон, напоменувајќи дека граѓаните кои немаат доволно финансиски средства ќе можат да ги остварат своите права пред судовите, пред управните органи, но и пред други државни органи како што се Уставниот суд, народниот правобранител и др институции.

Новина во законот е што сега се покриваат сите трошоци поврзани со обезбедувањето на правната помош. Досега не се покриваа судските такси, трошоци за вештачење и слични трошоци, што беше пречка за многумина да добијат заштита заради дополнителните трошоци.

Законот предвидува давање на примарна и на секундарна правна помош. Примарната правна помош ја даваат овластени лица од Министерството за правда или од подрачните одделенија кои ги има по градовите во внатрешноста на државата, овластени здруженија и правните клиники на правните факултети.

Секундарната правна помош ја даваат адвокатите и таа се состои од застапување во граѓански судски постапки и во управни постапки. Новина на овој закон е што бесплатна правна помош добиваат и жртви на кривични дела.

Бесплатна правна помош ќе можат да добијат сите оние граѓани кои живеат сами и чиј месечен приход не е поголем од утврдената минимална плата. За граѓаните кои живеат во четиричлено семејство, вкупниот приход на сите членови не треба да биде поголем од 20.000 денари. Притоа, како приход не се смета надоместок за помош и нега од друго лице, родителски додаток за дете, детски и посебен додаток, додаток заради посебни потреби, надоместок на плата за скратено работно време итн.

Граѓаните кои планираат да побараат бесплатна правна помош не треба да имаат повеќе од еден стан или куќа, да немаат во сопственост земјиште поголемо од 5.000 метри квадратни во рурални средини или 300 метри квадратни во Скопје, но и да немаат возило со мотор поголем од 1,2 литри.