Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа месечен пораст од 1,4 отсто и 1,5 отсто додека годишниот пораст изнесува 12,1 отсто односно 13 отсто, покажуваат најновите податоци на Народната банка за монетарните движења во јули, годинава.

„Кај автомобилските кредити, овој месец е евидентиран месечен и годишен пораст од 1,4 отсто и 6 отсто. Кредитите одобрени врз основа на кредитни картички бележат минимален месечен пораст од 0,1 отсто, додека на годишно ниво е евидентиран еднаков пад како и од претходниот месец од 1,5 отсто“, информираат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека негативните салда на тековните сметки бележат надолна месечна промена од 0,5 отсто, додека на годишно ниво бележат пораст од 1,7 отсто. Кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 1 отсто и 8,9 отсто.