Од вкупниот број корисници кои најчесто го користат Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) во изминативе десет години, најбројни се граѓаните (44 отсто), потоа следуваат невладините организации (26 отсто), а на третото место се трговските друштва (22 отсто).

Карактеристично е што стопанските комори и научно истражувачките институции кои би требало да имаат водечка улога во креирањето на законските решенија најмалку го користат ЕНЕР. Имено, стопанските комори учествуваат само со 6 отсто во вкупниот број најчести корисници, а научно истражувачките институции со 2 отсто.

Податоците на ЕНЕР откриваат дека граѓаните, компаниите, научните институции и другите субјекти кои би требало активно да го користат овој систем се’ уште не се запознаени или покажуваат мал интерес за учество со свои коментари и сугестии при донесувањето на новите прописи ако при тоа се земе предвид бројот на коментари во однос објавените прописи.

Во изминатиот десетгодишен период има години кога се предлагани по неколку стотици прописи годишно, а за некои од нив нема ниту еден коментар или сугестија. Рекордна година во однос на објавените прописи на ЕНЕР е 2013 кога биле регистрирани 367 прописи.

Инаку, Министерството за правда со 246 коментари на предложени прописи и други документи е на врвот на листата најкоментирани министерства во периодот 2009-2019 година на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР).

На второто место со 222 коментари е Министерството за финансии, а на третото место е Министерството за информатичко општество и администрација со 158 коментари.