Министерот за здравство Венко Филипче, на денешната седница на Влада, ќе предложи граѓаните кои не носат заштитна опрема надвор да се казнуваат најдоцна од утре. Првично со Уредбата за задолжително носење на опрема, беше предвидено граѓаните најпрво да бидат опоменувани до 30 април, а потоа казнувани.

Оваа реакција на Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести следува откако по скратувањето на полицискиот час и продолженото време за излегување надвор, дел од граѓаните не ги почитуваа мерките за задолжително носење на маски на отворено кога не можат да држат растојание од два метри, се групираат незаштитени или пак неправилно ги носат маските.

„Под лична заштита на лицето се подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска ФФП2 или повисок стандард, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично)“, пишува во Уредбата

Глобата за граѓаните за непочитување на мерките изнесува 20 евра.