Колку далеку нѐ носи говорот на омраза – и дали нѐ враќа назад? На ова прашање одговараат пораките поставени кај „Зегин“ Буњаковец, кои случајните минувачи ги читаат. На импровизирани атлетски препреки, испишани се пораки – „Говорот на омраза ја попречува нормалната комуникација“, „Говорот на омраза ја блокира вистината“, „Сензационализмот може да води кон погрешни заклучоци“, „Ви пречат ли етикетирањата?“, „Говорот на омраза води во ќор-сокак“.

Случајните минувачи читаат пораки за говорот на омраза кај Буњаковец. Фото: Иновативни медиуми

„На овој начин преку едноставна интерпретација на темата на пречките сакаме да ги натераме граѓаните да се запрашаат за пречките и проблемите кои ги предизвикува говорот на омраза“. Преку вакви урбани гестови, сакаме да покажеме дека општествените проблеми можат да се третираат и артикулираат преку моќта на визуелниот јазик, дијалогот и уметничката интерпретација. Борењето против омразата не мора да започне во институциите – може да почне токму таму каде што се движиме секој ден“, наведено е во соопштението од „Иновативни медиуми“, Здружението за унапредување на новинарските практики.

Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува „Иновативни медиуми”.