fbpx
Comments are closed.

Говор на омраза и закани – бугарски националистички налепници низ Охрид

-

Низ центарот на Охрид може да се забележат налепници со кои се промовираат бугарски шовинистички ставови, а кои се присутни на истите места каде што има налепници со домашна политичка пропаганда. За дел од нив евидентно е дека некој се обидел да ги отстрани со гребење, додека многу стојат негибнати.

Еден вид вакви налепници содржат наводни цитати од историски личности. На една од нив стои текстот на бугарски јазик „Предавниците на татковината не заслужуваат милост“ (во оригинал: „Предателите на Отечеството не заслужават милост.”) припишан на политичарот Стефан Стамболов (1854-1995) кој своевремено бил министер и претседател на народното собрание на Кнежевството Бугарија.

На другата таква налепница има фотографија во униформа од бугарскиот полковник Борис Дрангов (1872-1917) со текст на бугарски јазик: „Од сите славни дела со коишто може да се гордее човек, ниту едно не може да се спореди со смртта за Татковината“ (во оригинал: „От всички славни дела с които може да се гордее човек, няма равно по величието си смъртта за Отечеството. “)

На локации каде што има вакви налепници може да се забележат и налепници од домашната партија Левица, како и од рускиот фудбалски клуб „Подолск“.

Налепници на бандера на улицата Св. Климент Охридски во чаршијата во Охрид. Фото: Meta.mk.

Друг вид налепници што може да се забележат по охридските улици се со слика на рака што држи пиштол вперен во читателот и текст на бугарски јазик „Бугарија не умира  туку ја убиваат, а луѓето што ја убиваат имаат имиња и адреси.“ („България не умира, а е убивана – хората, които я убиват, имат имена и адреси.“)

Налепница со закана за наводните убијци на Бугарија. Фото: Meta.mk.

Ваквата заканувачка комбинација на ширење страв од умирачка на земјата и закана со правење списоци на неистомислениците е широко раширена низ Бугарија последнава деценија. Така на пример, случаи на лепење исти вакви налепници се забележани 2018 година во Пловдив.

Дел од овие налепници се присутни на исти места каде што биле залепени и налепници со кои се рекламира бугарската ултранационалистичка политичка партија Бугарски национален сојуз со слика на топ и споменик, проследена со текст на бугарски јазик „Татковината умира само тогаш кога ќе исчезне од срцата на своите синови“ (во оригинал: „Отечеството загива само тогава, когато изчезне от сърцата на синовете си“.

Налепници на објекти на улицата „Св. Климент Охридски“ во Охрид. Фото: Meta.mk. Кликнете за поголема верзија.

На централните орхидски туристички улици може да се забележат и налепници со кои се промовира неонацистичкиот собир „Луков марш“ (на бугарски Луковмарш), кој се одржува еднаш годишно во Софија во текот на февруари.

Налепница со која се промовира неонацистичкиот собир „Луков марш“ кој се одржува еднаш годишно во Софија, Бугарија. Фото: Meta.mk.

Контроверзниот настан е предмет на барања за забрани од организации за заштита на човекови права како Бугарскиот хелсиншки комитет и Светскиот еврејски конгрес, бидејќи е во чест на бугарскиот генерал Христо Луков (1887-1943), лидер на пронацистичката и профашистичка организација Сојуз на бугарските национални легиони која била активна пред и во текот на Втората светска војна. Во 2021 година пратеникот од ВМРО-БНД Ангел Џамбаски Луков го нарекол „херој на војните за бугарско национално обединување“.

Снимка на екранот на страница од bgns.net. Kликнете за поголема верзија.

Дизајнот на налепниците со кои низ Охрид се рекламира „Луков марш“ е ист како на производи како маички кои се продаваат на веб-сајтот на гореспоменатата ултранационалистичката политичка партија Бугарски национален сојуз.

На маршот кој се одржува и наспроти забраните, покрај бугарски ултранационалисти учествуваат и претставници на неонацистички и антисемитистички организации од цела Европа.

Покрај налепници на бугарски јазик, на улиците во центарот на Охрид има и многу налепници поврзани со пропагандата на домашни политички партии, претежно од кампањите на ВМРО-ДПМНЕ за нивните кандидати за пратеник Игор Дурловски и за градоначалник Кирил Пецаков, како и против кандидатката на СДСМ Радмила Шеќеринска со текст „Радмила или Македонија, изборот е твој!“.

Во центарот на Орхид, металните површини како олуци, бандери и табли се користат за политичка пропаганда преку налепници. Фото: Meta.mk.

Налепници од домашни предизборни кампањи во Охрид. Фото: Meta.mk.

Има и налепници од помали партии како Граѓанска Демократска Унија, а меѓу најсвежите налепници се од партијата Левица, на тема неприфаќање на нивните предлог-закони во Собранието.

Налепница со цитат од бугарскиот политичар Стамболов врз налепница на македонската партија Граѓанско-Демократска Унија. Фото: Meta.mk.

Налепница од партијата Левица врз информативна табла од јавен интерес во близина на чинарот. Фото: Meta.mk.

Според Изборниот законик, учесниците во изборната кампања се должни „во рок од 30 дена по завршувањето на изборите“ да ги отстранат своите пропагандни материјали од јавните простори и да го го отстранат и „сметот од плакатите“.

1 КОМЕНТАР

  1. Па природно им е местото едни до други на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и бугарските националисти и шовинисти. Се користат со истите методи, говор на омраза и закани. Можно е дури истиот човек да ги залепил и едните и другите!

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...