fbpx

Говор на омраза и дезинформации поврзани со Европрајд 2022 испливaa на површина во Србија

-

Во Србија, дезинформациите и говорот на омраза кон ЛГБТК+ заедницата и поддржувачите на човековите права се во значителен пораст, како резултат на Европрајд 2022, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Европрајд е паневропски и меѓународен ЛГБТК+ настан, кој секоја година е во организација на различен европски град. Во 2022 година беше избран Белград, a манифестацијата се состоeше од низа настани вклучувајќи филмски фестивал, конференции и парада на гордоста.

Српските екстремно десничарски политички партии и Српската православна црква го осудија настанот, повикувајќи на забрана и одржувајќи протести кои вклучуваат величење на рускиот претседател Владимир Путин како модел за „бранител на традиционалните вредности“.

Српската влада официјално најави „откажување“ на настанот, додека пак организаторите на Европрајд објавија демант, тврдејќи дека настанот навистина ќе се одржи на 12 септември.

Луѓето кои го поддржуваа настанот се соочија со малтретирање и закани на социјалните мрежи. Активистот Марко Михајловиќ, еден од локалните организатори на Евопрајд 2022, ги сподели своите ставови на Твитер, сумирајќи ги искуствата од пошироката заедница.

 

 

 

„Не ми било волку тешко што сум геј уште од тинејџерските години. Толку омраза, закани и негирање на моето право да го живеам мојот живот достоинствено и рамноправно одамна не биле дел од јавниот дискурс. Не се срамам од тоа што сум, но по 15 години, загрижен сум за мојот живот во оваа земја…“

Михајловиќ, исто така, даде концизен преглед на наративите кои ја сочинуваат хомофобната пропаганда на социјалните мрежи.

„Негативните коментари главно зборуваат за следново:

  1. Негирање дека ЛГБТИ+ луѓето воопшто имаат проблеми [во Србија].
  2. Велат дека треба се криеме зад 4 ѕида и да молчиме.
  3. Дека користењето на нашите уставно загарантирани човекови права е провокација.
  4. Дека на парадата на гордоста ќе шетаме голи и ќе имаме секс на улица.
  5. Повикуваат на насилство“.

 

Еден пример на мисинформации и дезинформации што имаа големо влијание на социјалните мрежи е широко распространето видео на, наводно, српска мајка која вели дека се вратила во својата земја од Германија откако била казнета од германските власти затоа што одбила да го облече својот син во женска облека. Описот на видеото содржи и говор на омраза.

 

 

„Сведоштво на нашата сестра Милка која живее и работи во Германија. Таа сака да се врати во подобра Србија и затоа ни изрази поддршка додека собиравме петиција за забрана на педерскиот бал. Уцените што таа мораше да ги издржи нема да се случат во Србија. Мажите ќе останат мажи, а жените – жени.“

Видеото беше креирано и споделувано од локален десничарски политички активист, член на екстремистичка фракција која се стреми да ја замени владејачката националистичка и популистичка Српска напредна партија (СНС) и да ја преземе власта. Како одговор, истакнат член на СНС се обиде да го претстави како руски агент кој шири странско малигно влијание.

Драган Шормаз, член на Централниот комитет на владејачката СНС, преку Твитер предупреди дека видеото е дезинформација. Но, тој, исто така, ја зголеми конфузијата додавајќи непоткрепени тврдења дека жената што зборува не е Србинка, туку Русинка, дека е вработена во Руско-српскиот хуманитарен центар во Ниш на југот на земјата и дека таа веќе побегнала од земјата.

 

 

Оваа „мајка Србинка“ од Германија е всушност Русинка, а работи во хуманитарниот центар во Ниш! Таа веќе ја напушти Србија, бидејќи стравува дека може да биде уапсена на барање на Германија за лагите што ги кажа на видеото кое кружи на социјалните мрежи!

Истрагата на дневниот весник Данас не можеше да ги потврди овие тврдења, но хрватскиот сервис за проверка на факти Фактограф ги дебанкираше тврдењата од видеото за наводното принудување на деца да станат ЛГБТК+ во Германија како „апсурдни, невозможни и погрешни“.

Неделникот Време од Белград во својот број од 1 септември објави резултати од истрагата за навидум про- и антируските тврдења поврзани со случајот. Тие ја интервјуирале жената, како и човекот кој го направил видеото, потврдувајќи дека таа навистина е Србинка која живее во Германија и е самохрана мајка на дете со аутизам. „Форензичката анализа“ на новинарот Немања Рујевиќ заклучи дека наводното принудување на деца да станат транс родови од страна на „злобниот Запад“ е неосновано, но и дека жената на видеото не е руски агент.

Жената, идентификувана само како Милка М., објасни дека нејзината видео изјава, дадена за време на посетата на Ниш, била изманипулирана од локален ултранационалистички политичар. Тој требало да го заштити нејзиниот идентитет, но не го скрил нејзиното лице. Како што објасни таа, германските власти не го принудиле нејзиниот син да се облекува како девојче, туку само го поканиле семејството да учествува на настанот за промовирање толеранција наречен „Замена на улоги“ или Ден на девојчињата и момчињата. Таа исто така појасни дека причината поради која е казнета е поради конкретно прекршување на договорот со училиштето кое обезбедува посебна грижа за нејзиното дете.

Ивица Божиќ, локалниот политичар кој го сними и сподели видеото, претходно беше вклучен во организирање на протести против вакцините. Во 2021 година дневниот весник „Блиц“ објави дека овој самонаречен „бранител на семејните вредности“ има криминално досие со пресуди за семејно насилство и трговија со дрога, информации потврдени и од „Време“.

Во изјавата за „Време“, претставена како дел од аналитичката статија за случајот, Божиќ ги отфрли обвинувањата од корисниците на социјалните мрежи дека е агент на Кремљ, тврдејќи дека е „посветен на традицијата и љубител на аџилаци во Ерусалим“ и дека заработува за живот како молер и снимател на свадби.

И покрај тоа што говорот на омраза е кривично дело според српскиот Кривичен законик, органите за спроведување на законот и судските институции ретко преземаат активности за санкционирање на сторителите. Сепак, извештаите на домашните и меѓународните институции кои го следат напредокот кон демократијата постојано укажуваат дека државата „треба да направи повеќе“ за да се справи со употребата на говор на омраза со цел да се исполнат критериумите за членство во Европската унија.

Досега нема извештаи во медиумите за преземени институционални дејствија против сторителите на говор на омраза поврзан со белградскиот Европрајд 2022.

 

***

Овој напис е изработен во рамките проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...