Гоу Грин бара од Министерството за Транспорт да донесе Правилник за велосипедска инфраструктура

Посебен правилник за велосипедска инфраструктура, е потребен за да се стандардизираат и унифицираат елементите кои се користат при проектирањето на техничка документација за велосипедска инфраструктура

Фото: Бојан Блажевски

За да добиеме здрави, одржливи, безбедни, климатски отпорни и паметни градови, населби и држава, мораме, меѓу другото, да создадеме услови за безбедно одвивање на велосипедскиот сообраќај, велат од здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“.

Посочуваат дека за секој да може да вози велосипед потребно е да има еден унифициран пристап во проектирањето на велосипедската инфраструктура, а моменталната регулатива е многу ограничувачка и не им дава ниту можности, ниту насоки, ниту стандарди на сообраќајните планери и проектантите да планираат соодветна велосипедска инфраструктура.

„Во важечкиот Правилник за урбанистичко планирање планирањето на велосипедскиот сообраќај е опфатено главно во член 162 и минимално во други членови. Што е недоволно од секоја гледна точка. Со таа цел Гоу Грин, во склоп на Националната вело-мрежа, спреми два предлог документи бара од Министерството за Транспорт да ги прифати и донесе на национално ниво:

1. Предлог за измена на Правилникот за урбанистичко планирање со внесување на велосипедската инфраструктура

2. Предлог правилник за велосипедска инфраструктура“, известуваат од здружението.

Според нив, неопходно е велосипедската инфраструктура да се внесе во Правилникот за урбанистичко планирање бидејќи е документ од највисок ранг кој мора да биде следен од секој планер.

Посебен правилник за велосипедска инфраструктура, е потребен за да се стандардизираат и унифицираат елементите кои се користат при проектирањето на техничка документација за велосипедска инфраструктура.

Очекувано е набрзо да се прават промени во Правилникот за урбанистичко планирање, што значи дека сега е совршената шанса велосипедската инфраструктура да биде дел од новиот Правилник.

Ако се донесе овој правилник секоја наредна сообраќајна инфраструктура низ Македонија ќе мора да има велосипедско решение.

Бараат од Министерството за Транспорт што побрзо да донесе ваков правилник