„Готен“ го објави тинејџерскиот роман „Прегрни ме цврсто“ од Лоф Ју

Извор: Издавачка куќа „Готен“

Издавачката куќа „Готен“ го објави романот за тинејџери „Прегрни ме цврсто“ од шпанскиот авторски пар Лоф Ју. Преводот од шпански јазик е на Марија Саревска-Тодоровска, информираат од „Готен“.

„Романот „Прегрни ме цврсто“ е роман за тинејџери во кој преку потрагата за љубов на неколку млади луѓе се открива светот на тинејџерите исполнет со многу емоции, страсти, но и наивност и незнаење за животот. Лоф Ју е псевдоним на двајца млади автори од Шпанија: Адриа Фонт и Инма Суст. Адриа Фонт е актер и драматург, додека Инма Суст е новинарка. И двајцата го користат псевдонимот кој го има призвукот на најомилената синтагма во светот „те сакам“, информираат од оваа издавачка куќа.

Оваа ведра љубовна приказна се случува меѓу тинејџери и користи слична матрица на познатите тинејџерски серии и филмови, но разликата во „Прегрни ме цврсто“ е во тоа што авторите ставаат силен акцент на јазикот во романот, ликовите се комплексно доловени, а разврската на книгата е необична.

Романот „Прегрни ме цврсто“ е посветен на флуидната љубов, онаа која во својот предзнак ја има љубовта, но истовремено говори и за насилната страст, за недоличноста во изразувањето на љубовта, за непочитувањето кога станува збор за емотивниот комплекс на другиот. Автори низ приказната опфаќаат добар дел од љубовни констелации, во кои се наоѓаат денешните тинејџери.

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“  во Скопје.

Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

Ги има добиено наградите „Златно перо“,  „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

Издавањето на книгата „Прегрни ме цврсто“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.