fbpx

Готемелер: Приемот на Црна Гора во НАТО значи дека вратите се отворени и за Македонија

-

Членките на НАТО и на меѓународната заедница беа престрашени од насилството во парламентот во април оваа година и го поздравуваме прогресот што е направен оттогаш, изјави заменичката на генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер, на заедничката прес-конференција со министрите за одбрана и за надворешни работи на Македонија, Радмила Шекеринска и Никола Димитров, кои се во посета на седиштето на НАТО во Брисел.

Таа потсети на пораката на генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, по средбата со премиерот Зоран Заев во јуни годинава, дека сега е важно сите страни да ги надминат разликите и да работат конструктивно „за имплементирање на потребните реформи, преку засилување на доброто владеење и владеењето на правото во мултиетничкото општество“.

– На оваа предизвикувачка реформска агенда ѝ се потребни време и напор, но реформите ќе бидат од корист за земјата кон достигнување на евро-атлантските цели – рече заменичката на Столтенберг.

Готемелер посочи дека фактот што Црна Гора стана 29. членка на НАТО, покажува дека вратите на НАТО се отворени и дека Алијансата продолжува со поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членството во НАТО.

Министрите за одбрана и за надворешни работи, Шекеринска и Димитров денеска во седиштето на НАТО учествуваат на состанокот на Северноатлантскиот совет со Република Македонија.

Шекеринска на прес-конференцијата рече дека Македонија е одлучна да се врати на патот на реформите и на патот кон членство во Европската Унија во НАТО. Таа истакна дека Македонија од 2018 година ќе го зголеми буџетот за одбраната за 0,2 отсто и дека за 20 отсто ќе го зголеми учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ на НАТО во Авганистан.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека во седиштетот на НАТО се чувствува како дома и оти очекува тоа наскоро да биде дом и на Македонија.

– Земјата одлучи да инвестира во демократија за ништо како последните години да не се случи повторно. Ние сакаме слободни медиуми, функционален парламент, судиите да судат независно и антикорупциската комисија да функционира за земјата да биде повеќе како земјите членки на НАТО и да гради вредности како нивните. Ние ќе ја убедиме Алијансата дека има повеќе причини зошто Македонија треба да е 30. членка на НАТО – рече Димитров.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...