fbpx

Гостивар има инвестирано најмногу за проблемот со кучињата скитници (инфографик)

-

„Порталб.мк“ го истражуваше третирањето на проблемот со кучињата скитници во Гостивар, Дебар и Тетово. Резултатите покажуваат дека најефикасни чекори има преземено општина Гостивар. Земајќи го во предвид бројот на жители и горливиот проблем со кучињата скитници, средствата предвидени за овој проблем од општина Дебар и Тетово се недоволни.

Присуството на кучињата скитници во секое ќоше од градовите во Полошкиот регион, неретко претставува проблем за граѓаните, а имало дури и случаи кога овие кучиња гризнале минувачи оставајќи ги со здравствени последици.

Сите три општини доделиле одредени средства за решавање на оваа проблематика, меѓутоа бројките и достигнувањата до денес зборуваат за тоа колку сериозно го третирале овој проблем.

Гостивар

Од почетокот на мандатот на Арбен Таравари до денес, во општина Гостивар се преземени посериозни чекори за решавање на оваа проблематика, која веќе неколку децении по ред ги вознемирува граѓаните од овој град.

63.414 евра се доделени од оваа општина за третманот на кучињата скитници, за 2018 и 2019 година. За годинава се планирани 19.512 евра. Во Гостивар се отворени два центри за згрижување на кучиња скитници. Едниот од страна на општината, а другиот преку проектот „Понуди ми покрив за спас“, финансиран од Регионалната Програма во Западен Балкан „РеЛоад“ (ReLOaD). Оваа донација на ЕУ во соработка со општината е имплементирана од УНДП, а центарот се управува од невладината организација „ИГИ”.

Двете погоре спомнати станици, имаат капацитет за засолнување на 100 кучиња скитници. За две години, се оперирани околу 400 кучиња кои денес не претставуваат опасност за жителите на овој град. Општина Гостивар има и специјализирано шинтерско комбе, донација од Полошкиот Плански Регион, во соработка со УНДП.

Тетово

Жителите на општина Тетово со децении се жалат и бараат решение за кучињата скитници. Сепак, иако ова е шеста година од кога градоначалничката Теута Арифи раководи со Тетово, чекорите што се преземаат за решавање на овој проблем остануваат недоволни.

Од буџетот на општина Тетово за третман на кучињата скитници, за 2018 и 2019 година, се издвоени 19.512 евра. Овие пари, според сопственикот на ветеринарната клиника „Дог&Кет“ од Тетово, се потрошени за вакцинација, поставување на  микро- чипови, операции, обетки што им се ставаат на кучињата во уво, како и за престој на кучињата во засолништа 5 до 7 дена по операција, и како резултат на тоа се третирани вкупно 120 кучиња.

За 2020 година се предвидени 48.780 евра за овие намени. Од општина Тетово ни кажаа дека изградиле засолниште со капацитет за 20 кучиња скитници.

Дебар

Во разговор со некои жители на Дебар, новинарот на „Порталб.мк“ дозна дека жителите од овој град исто така се чувствуваат многу загрозени од кучињата скитници, чиј број од ден на ден се зголемува. Според нив, не се презема ништо за спречување на оваа појава.

Од буџетот на општина Дебар за изминатите две години нема издвоени средства за оваа намена. А за 2020 година, планирани се 19.512 евра за справување со проблемот со кучињата скитници.

Инаку, недостатокот на засолништа за уличните кучиња е проблем што погодува многу градови во земјава. Иако здруженијата за заштита на животните честопати реагирале, актуелната влада нема преземено никакви мерки за овој проблем што тангира не само две или три општини, туку ги опфаќа речиси сите градови во земјава.

Рами Селмани од амбулантата „Дог&Кет“, која ги има добиено сите тендери за третман на кучињата скитници во општина Тетово, Гостивар и Дебар за „Порталб.мк“, изрази песимизам дека овој проблем може да се реши, со оглед на сегашната подготвеност на надлежните органи, што според него не е на ниво на кое би требало да биде за да се најде решение.

– Ние работиме во сите општини со онолку пари колку што ни се даваат. Конкретно износите издвоени од општина Тетово, за решавање на овој проблем, се многу мали; доколку сериозно сакаат да го избегнат овој проблем, треба да предвидат трипати повеќе средства за да можеме да работиме. Вреди да се напомене дека единствената општина која е сериозна во врска со ова, и има успех, е општина Гостивар – вели Рами Селмани, сопственик на „Дог&Кет“ со седиште во Тетово.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...