Горјан Јовановски ја доби Европската награда за најдобар млад иноватор во 2020 година

Фото: Фејсбук страница на World Summit Awards (https://www.facebook.com/worldsummitawards)

Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата МојВоздух ја освои Европската награда за најдобар млад иноватор 2020 во категоријата за млади до 30 години. Во изјава за „Мета.мк“, Јовановски вели дека оваа награда е изненадување за него, имајќи предвид дека од сите 16 проекти од иноватори низ Европа, токму апликацијата МојВоздух е одбрана како победник.

„Ми го исполнува срцето тоа што може да се пофалиме со уште еден успешен проект од нашата држава, и да докажеме дека имаме можност и од кај нас да допреме до целиот свет! На нашите млади, кои имаат некоја идеја за подобро општество, животна средина или иднина, искрено ги охрабрувам да се обидат идејата да ја претворат во реалност. Јас имам десетина „неуспешни“ проекти зад мене, од кои научив многу, за денес да можам сето тоа знаење да го ставам во AirCare и да ја пласирам на глобалниот пазар“ изјави Јовановски.

Тој вели дека граѓаните од другите земји добро ги прифатиле податоците од МојВоздух, бидејќи во првите четири години додека се развивала апликацијата учеле од грешките и ги слушале забелешките на сограѓаните, со цел најдобро и најтранспарентно да ги прикажат овие податоци. Затоа, како што вели Јовановски, денес апликацијата има над пола милион преземања ширум светот, а еден од најголемите нови пазари е САД.

Апликацијата МојВоздух, која е достапна за Андроид и ИОС телефони ги информира граѓаните за загадувањето на воздухот.