Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат од половина до еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,28 отсто.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 1 денар по литар и со тоа неговата малопродажна цена изнесува 68,50 денари за литар. Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 0,50 денари по литар. ЕУРОСУПЕР БС-98 на бензинските станици ќе се продава по цена 70,50 денари за литар, додека цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 63 денари за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство ќе биде 52 денари за литар.
Во одлуката на РКЕ се наведува дека зголемување за 0,904 денари по килограм ќе претрпи и малопродажната цена на мазутот М-1 НС, кој од ноќеска ќе се продава по цена од 38,243 ден/кг.
Порастот на малопродажните цени на нафтените деривари во земјава е поради зголемените референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар во изминативе седум дена и повисокиот курс на доларот во однос на денарот.