Трет ден гори шума во атарот на селото Бешиште, во близина на границата со Грција. Пожарот сѐ уште е активен, а според последните информации од Центарот за управување со кризи, гори шума со бор, даб и бука како и сува трева на површина од околу 100 хектари.

Пожарот е во два краци кон месноста Уров во атарот на Бешиште и кон селото Градешница во Општина Новаци, на многу непристапен терен за гаснење, а во моментот интервенираат петмина пожарникари со едно возило од Прилеп и три лица со едно возило од шумската служба „Црн Бор“. Од ЦУК велат дека дополнителна потешкотија за гаснењето е и ризикот од постојаните детонации од заостанати гранати од предходните војни.

Во Скопје, пожарот на дивата депонија во Визбегово е изгаснат, а скопската Противпожарна бригада денеска интервенира и на уште три локации. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, горела сува трева во Драчево и на булеварот „Босна и Херцеговина“, а пожар бил пријавен и во Долно Лисиче.

Во Свети Николе пожарникари гаснат пожар во атарот на селото Ерџелија каде гори сува трева и стрниште, а на автопатот Гостивар – Тетово гориат сува трева и грмушки.