Google овозможи оперативниот систем Chrome OS Flex да биде достапен за постарите компјутери

Photo by Pawel Czerwinski on Unsplash

Google од денеска им овозможува на корисниците на постари PC или Mac компјутери да го користат новиот оперативен систем Chrome OS Flex, пишува The Verge. Ваквата можност ќе биде добредојдена за школите и за дел од компаниите коишто користат постар хардвер.

Компанијата најпрво на почетокот од годинава започна со тестирање на нивниот оперативен систем, по што успеаја да пронајдат 600 грешки и да ги отстранат. Chrome OS Flex е дизајниран првествено за постари компјутери кои работат на Windows, а од Google велат дека оперативниот систем ќе можат да го користат и Mac компјутери стари 10 години.

Поддршката на стариот хардвер е најпримамливата предност на Chrome OS Flex која се очекува да ја поттикне продажбата, бидејќи дел од компаниите нема да мора да се откажат од постоечкиот хардвер за да го добијат најновиот модерен оперативен систем. Повеќе од 400 уреди се сертифицирани за работа, а инсталацијата е исто толку лесна како користење на USB-уред за инсталирање на Chrome OS Flex.

Ваквиот чекор на Google доаѓа за помалку од една година откако Microsoft го објави Windows 11 со строги хардверски барања, коишто ќе остават зад себе милиони постари компјутери без можност да се инсталира на нив.

Google го нуди Chrome OS Flex на компании и образовни институции кои сакаат да го модернизираат и поедностават управувањето со ИТ или да ја подобрат безбедноста. Овој оперативен систем е добра зделка и за субјектите кои се фокусирани на одржливоста, дозволувајќи им на некои организации да го намалат електронскиот отпад и потрошувачката на енергија.