Во налетот на силните ветришта што ноќеска ја погодија БиХ, претежно нејзиниот источен дел, нанесени се бројни штети, со многу урнати дрвја и бандери и одлетани покриви и парчиња од фасади.

Според Хидрометеоролошкиот завод на Република Српска, во текот на ноќта ветерот во Бања Лука дувал со брзина од 115 километри на час, а претпладнево ослабнал до брзини од 60 до 70 километри на час. Пожарникарите интервенирале 26 пати, главно за отстранување паднати дрвја и гранки на сообраќајниците. Голем број оштетени возила и скршени прозорци има во населбата Обилиќево, а во други населби е сопрена водата.

Три лица се полесно повредени во куќа во која одлетал дел од покривот и пропаднал плафонот, а покривите од ламарина на голем број згради се истргани.

Забранет за сообраќај е патот Бања Лука – Кнежево, поради можноста да паѓаат стебла и да се јават одрони.

Во Зеничко-добојскиот кантон има големи штети во Зеница, Маглај и Тешањ. Во Зеница паднато парче од фасада оштетило автомобил, а има и голем број срушени дрвја. Исто така се забележани и проблеми со пропаѓање на покриви, а во Тешањ ветрот срушил минаре на џамија.

Во општина Соколац 25 села останаа без струја поради штетите што ветриштата ги нанесоа на електропреносната мрежа. Кај болницата во Зворник паднато дрво оштетило три автомобили. Штети има и во општините Скелани и Сребреница, како и во Бајина Башта во Србија.