fbpx

Големите играчи решија да не си конкурираат со цените на бензините (инфографик)

„Лукоил“ и „Макпетрол“ определија идентични цени на горивата откако истече важноста на штетниот договор за купопродажба на Рафинеријата „ОКТА“. И покрај пониските трошоци, големите играчи ја намалија цената на бензините за 1 денар по литар, а цената на дизелот ја зголемија за половина денар

-

„Макпетрол“ и „Лукоил“, како компании кои се сметаат за големи играчи во бизнисот со нафтени деривати, од денеска понудија идентични цени на горивата иако цената веќе не се определува од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Според познавачите, идентичните цени на двете компании значи дека компаниите од нафтениот бизнис користат исти методологии за пресметка на цената на горивата.

Новите цени на бензините од 95 и 98 октани на овие две компании се за еден денар пониски од претходните, односно 71 денар за литар ЕУРОСУПЕР 95 и 73 денари за литар ЕУРОСУПЕР 98, додека цената на дизелот е за половина денар повисока од претходната, односно 64 денари за литар.

Утринава на бензинските станици на двете компании не можеа да се забележат редици од автомобили иако некои од медиумите во потрага по повеќе кликови објавија дека се очекува нафтен „шок“ и им посочуваа на граѓаните да наполнат гориво.

Од Регулаторната комисија за енергетика информираа дека трговците од денеска сами можат да ги определат малопродажните цени на нафтата и нафтените деривата кои ги продаваат на нивните бензински пумпи поради правниот вакуум предизвикан откако поранешниот претседател Ѓорге Иванов не ги потпиша измените на Законот за енергетика. Според РКЕ, поради тоа не можело навреме да биде донесена новата методологија по која се определуваат цените.

Потребата за донесување нова методологија произлезе откако на 8 мај годинава истече 20 годишната важност на Анексот „Д“ на штетниот Договор за купопродажба на дотогаш државната рафинерија „ОКТА“ на грчката „Хеленик Петролеум“. Овој договор ја определуваше досегашната методологија за цените на нафтените деривати. Методологијата предвидуваше при определувањето на цената да се земе предвид движењето на цената на нафтата од типот „Брент“ на лондонската берза, курсот на доларот во однос на денарот, но и гарантираше профитна маржа за „ОКТА“ и тоа во износ од 29 долари по тон.

Пресметките покажуваат дека оваа давачка предвидена со штетниот договор за купопродажба на „ОКТА“ во моментов изнесува по околу 1.6 денари по литар. Се поставува прашањето дали трговците со нафтени деривати сега ќе ја зголемат трговската маржа, односно својот профит од секој литар продадено гориво?

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски всушност во вчерашната изјава точно предвиде дека ќе има благо намалување на цената на бензините и благо зголемување на цената на дизел горивата „доколку се следат движењата на светската берза на нафтата“.

„Не очекувам трговците да направат било каква авантура и да предизвикаат ценовен шок. Доколку го направат тоа при носењето на новата методологија таквиот однос РКЕ ќе го земе предвид, но од мојата комуникација со поголемите трговци со нафта и нафтени деривати не очекувам никакво користење на вакуум периодот и очекувам да ги следат  цените на светските берзи на секој дериват одделно и да го имаат во предвид курсот на доларот што и досега претставуваа најбитните елементи за определување на цената при носењето на нашите одлуки. И со новата методологија најголемо влијание ќе имаат цените на сите деривати на светските берзи, како и курсот на доларот“, порачува Бислимовски.

Каква ќе новата методологија за пресметка на цените на нафтените деривати сè уште не се знае.

„Методологијата е подготвена, но правиме дополнителни анализи за одредени елементи кои би се земале во предвид, ги проверуваме премиите, односно маржата што ја плаќаат домашните трговци кон странските трговци кога увезуваат нафта и нафтени деривати. Исто така, правиме последни анализи за трошоците за транспорт од земјата од каде увезуваат до нивните складови во државата. Има трговци кои увезуваат од солунското пристаниште, но и кои увезуваат од Бугарија, Србија, и мал број од Албанија. За сите овие земји трошокот за транспорт е различен, но ние при нашите анализи ќе направиме еден пондериран трошок за да можеме да ги опфатиме на реално ниво трошоците“, потенцира Бислимовски.

Тој додава дека ќе има и незадоволни трговци.

„Досега со постојната методологија профитна маргина која беше гарантирана на производителот изнесуваше 29 долари за тон. Таа му беше гарантирана на производителот ОКТА. Од 2013 година ОКТА повеќе не произведува нафта во нашата држава, но треба да се има во предвид дека трговците кои не купуваа од ОКТА плаќаа премии на трговците од кои увезуваа. Тие согласно постојната методологија не беа земени во предвид, а и трошокот за транспорт беше малку поинаков отколку со новата методологија што ќе биде. Со постојната методологија беше јасно дека суровата нафта се носи од солунското пристаниште за преработка во рафинеријата. Така што некои трошоци кои претходно не постоеја сега треба да ги предвидиме во новата методологија“, вели Бислимовски.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, денеска во одговор на новинарско прашање посочи дека е задоволен и смета дека компаниите коректно ги поставиле своите цени. Тој најави дека во новата методологија владата ќе остави пазарот да биде што е можно полиберален.

„Останува сите нафтени компании своите цени да ги намалуваат, односно да си конкурираат едни со други и на бензиските пумпи доколку сакаат да остварат поголема продажба“, вели Анѓушев додавајќи дека компаниите сами треба да решат дали ќе се откажат од маржата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...