Десетици луѓе загинаа, а стотина се повредени во пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јавуваат локалните медиуми, Телевизија Кочани и Радио Кочани.
Неофицијално, пожарот се случил околу 3 часот по полноќ за време на концертот на бендот „ДНК“, кога во дискотеката имало околу 1.500 луѓе.
Јавното обвинителство утрово соопшти дека точниот број на жртви и повредени во пожарот се утврдува.
„Сè уште се преземаат дејствија и се врши увид“, велат од обвинителството.
Од таму додаваат оти сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани се на терен. Во меѓувреме и државниот јавен обвинител и основните јавни обвинители од Скопје се на пат за Кочани.
„На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување“, соопшти обвинителството.