Стопанската комора на Македонија, СКМ, е задоволна од одзивот на компаниите-членки на Комората на апелот упатен до нив за секаков на помош за побрзо надминување на кризата настаната со корона вирусот.

Како што посочи во видео изјава Зоран Јовановски, главниот советник за економски прашања во Управниот одбор во СКМ, голем број на компании одлучија на разни начини да и помогнат на пошироката заедница полесно да се справува во овие тешки моменти. Тој спомена неколку примери.

Компанијата „ЕВН Македонија“ донираше 200.000 евра на Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема и материјали за потребите на јавниот здравствен систем и го донира и приклучокот за струја за мобилната болница. Материјалите и изведбата на хидроизолационата заштита на оваа болница, во вредност од 15 илјади евра, се донација на компанијата „Адинг“. „Окта“ донира медицинска опрема во вредност од 50 илјади евра, при што набави медицински апарати за потребите на Министерството за здравство. „Лукоил Македонија“ додели 15.000 литри гориво за ова министерство, за Центарот за јавно здравје, за Институтот за јавно здравје и Црвениот крст на Македонија. „Семос едукација“ започна бесплатна едукација на 1.200 наставници од основните и средните училишта, по пат на вебинар-сесии за онлајн настава. Компанијата „Бимилк“ изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка во износ од 15 милиони денари, а дополнително донира и финансиска помош на Клиничката болница во Битола за медицинска опрема, како и производи за помош на најранливите групи граѓани во Битола.

„Виталиа“ донираше пакети здрави производи и средства за набавка на заштитна опрема за вработените на Инфективната клиника, како и преку 500 килограми оброци здрава храна за ранливите категории на граѓани и изврши предвремено плаќање на данокот за добивка во износ од 3,5 милиони денари. Компанијата Mozzart Bet обезбеди донација во парични средства во износ од 50 илјади евра, од кои досега се веќе донирани 15 илјади евра на Инфективната клиника и 10 илјади евра на Општата болница во Куманово. Печатницата „Киро Д. Дандаро“ од Битола обезбеди парична донација за потребите на болницата во Битола за опрема и средства за заштита, а „Ми-Да Гранд Моторс“ воведе бесплатна услуга, при редовен сервис на возила од брендот Ford за сите здравствени работници.

„Стопанската комора ги поздравува сите овие активности на бизнис секторот. Апелираме и до сите други компании да се придружат и во рамки на своите можности да дадат поддршка на пошироката заедница“, истакна Јовановски во своето видео обраќање.