Полицијата во германскиот град Офенбург, во сојузната покраина Баден-Виртемберг, во текот на ноќта изведуваше голема антитерористичка акција поради „наводна закана за напад“, јави германскиот весник „Франфуртер алгемајне цајтунг“.

Офенбург е град на десниот брег на реката Рајна, на самата германско-француска граница, а од другата страна е францускиот Стразбур, каде е едно од двете седишта на Европскиот парламент и неколку меѓународни институции.

Како потенцијална цел е наведен популарен ноќен клуб во Офенбург, соопшти полицијата, но не откри детали за заканата.

Ноќта помеѓу саботата и неделата во Офенбург имало голем број обични полицајци и припадници на специјалните единици. Биле испратени на помош полицајци од други градови во Баден-Виртемберг. Се вршеле и строги контроли на сите возила што пристигнуваат или заминуваат од Офенбург.