Поради пожар на дивата депонија Вардариште, попладнево населбите Аеродром и Ново Лисиче, како и дел од Центар немаат електрична енергија. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, се работи за голем пожар што зафатил голем дел од депонијата, а можно е да горат и постари објекти.
Директорот Мухамед Али вели дека на гаснење на огнот работат 13 пожарникари со пет противпожарни возила. Заради пожарот се изгаснати и далекуводите за Аеродром и Лисиче.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов информира дека постојат сомневања дека пожарот е подметнат. Исклучувањето на далноводите, што без струја ги остави Аеродром, Лисиче, Ченто, индустриската зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево и Бунарџик е од безбедносни причини.
„Поради обемот на пожарот и опасноста да се прошири надвор од депонијата како помош на Протипожарната бригада на Скопје се испратени еден БТР, еден хермелин и еден тим на ДЗС“, рече Ангелов.
Од Електродистрибуција попладнево информираа дека има дефект на 110 киловолтната трафостаница „Аеродром”, заради што во моментот поголем дел од корисниците од Аеродром и Ново Лисиче, како и дел од корисниците од централното градско подрачје, се соочуваат со прекин во снабдувањето со електрична енергија.Од компанијата велат дека нивните екипи работат на санација на дефектот.
